Економија, финансии, бизнис

Контакт

Жената не мора да биде совршена, но не смее да се откаже од себе: Интервју со Билјана Петровска, директор во ЈЛБ „Илинден“ Делчево

Жената не мора да биде совршена, но не смее да се откаже од себе: Интервју со Билјана Петровска, директор во ЈЛБ „Илинден“ Делчево

Билјана Петровска е жена која секојдневно покажува дека дисциплината, посветеноста и љубовта кон животот можат да одат рака под рака. Веќе неколку години успешно раководи со ЈЛБ „Илинден“ во Делчево, институција во која вложува многу труд, одговорност и енергија. Но, покрај професионалниот ангажман, таа не дозволува обврските да ја оддалечат од себе, од своето здравје, стил и личен мир.

Денот го започнува рано, во 5:30 часот, со трчање – не затоа што мотивацијата секогаш доаѓа сама, туку затоа што, како што вели, тоа е одлука. Утринската физичка активност за неа не е обврска, туку личен ритуал, момент во кој се поврзува со себе, го полни умот со позитивна енергија и му прави добро на телото.

Во разговор за „Женски магазин“, Билјана зборува за тоа како успева да најде баланс меѓу директорската функција, љубовта кон библиотеката, грижата за себе и малите нешта што ѝ ја хранат душата. Нејзината оаза со цвеќиња, уредениот двор, високите штикли, фустаните и светлите бои се дел од нејзиниот препознатлив стил, но и од начинот на кој ја живее својата женственост.

За неа, дотерувањето не е суета, туку почит кон себе, а физичката активност не е прашање на години, туку на избор. Верува дека жената не мора да биде совршена, но не смее да се откаже од себе, пренесува Женски магазин.

Ова е разговор со жена која инспирира со енергија, искреност и став – директорка која води институција, но истовремено знае колку е важно да го сочува мирот во душата и љубовта кон животот.

ЖМ: Твоите рутини за здрав живот изгледаат навистина инспиративно. Како се мотивираш секој ден да станеш рано и да започнеш денот со трчање?

- Мотивацијата не ми доаѓа секое утро сама од себе, тоа е одлука. Кога ќе станам во 5, 30, не размислувам дали ми се спие, туку како ќе се чувствувам после трчањето, а се чувствувам премногу убаво. Тоа е моето време, момент кога се поврзувам со себе, го полнам умот со позитивна енегрија и му правам добро на телото. Верувам дека годините не се пречка за човек да изгледа и да се чувствува добро. Напротив колку сум позрела и повозрасна, толку повеќе сфаќам колку се важни здравјето, дисциплината и грижата за себе. Трчањето не ми е обврска, тоа е начин на живот што ми носи сила, мир и самодоверба.

ЖМ: Во твојот град, малку луѓе практикуваат спортови како што е трчањето. Како ги мотивираш другите да се движат и да водат здрав живот?

- Мислам дека луѓето најмногу ги мотивира примерот а не зборовите. Им раскажувам на луѓето околу мене , на моите блиски колку е убаво и колку добро се чувствувам секое утро јас, мојата душа и моето тело. Доволно е човек да започне со мал чекор, прошетка, малку трчање, повеќе време во природа и веќе прави нешто добро за себе. Здравиот живот не е прашање на години, туку на одлука и грижа за себе. Ако можам барем еден човек да мотивирам да стане да се движи и да се чувствува подобро, тогаш сум направила нешто добро и вредно.


Многу повеќе на Женски магазин.

Слично

Поврзани вести