Економија, финансии, бизнис

Контакт

Со 20 долари појадувала, ручала и вечерала во Скопје: Туристка од Лос Анџелес воодушевена од македонската храна

Со 20 долари појадувала, ручала и вечерала во Скопје: Туристка од Лос Анџелес воодушевена од македонската храна

Патувачката блогерка Тифани Чен од Лос Анџелес, која досега посетила 68 земји ширум светот, ја избрала Македонија како своја 69-та дестинација. За време на престојот во земјава, таа решила да направи необичен и интересен предизвик – дали со само 20 долари, односно околу 1.100 денари, може да се помине цел ден со храна во Македонија.

Својата гастрономска авантура Тифани ја започнала во Старата скопска чаршија – едно од најпосетуваните места од туристите во главниот град, познато по автентичната атмосфера, ориенталниот дух и традиционалната македонска кујна, објави Женски магазин.

„Во голема неволја сум. Ми снемуваат пари во Македонија. Ми останаа само 20 долари – дали тоа е доволно за да јадам цел ден?“, вели таа во видеото објавено на социјалните мрежи.

За појадок, Тифани избрала бурек и лимонада, кои ги опишува како „вистински балкански појадок“. За овој оброк потрошила околу 160 денари.


Во текот на денот се засладила и со сладолед од само 42 денари, а потоа продолжила со ручек составен од ќебапи и традиционален гулаш. Пет ќебапи чинеле околу 190 денари, додека за гулашот, кој го опишува како „многу меко и густо месно јадење“, издвоила околу 350 денари.

За вечера, блогерката уживала во едно од најпознатите македонски традиционални јадења – тавче-гравче, заедно со шопска салата, која ја нарекла „иконска македонска салата“. Вечерата ја чинела околу 300 денари.

На крајот од денот, вкупната сума што ја потрошила изнесувала околу 1.205 денари, односно 21,31 долар.

Иако малку го надминала буџетот, Тифани заклучува дека Македонија нуди вкусна, традиционална и релативно достапна храна, особено за туристите кои сакаат да уживаат во локалните специјалитети без да потрошат многу пари.

Извор: РЖМ - Г.Д.Г
Фото: Принтскрин/ Инстаграм

Слично

Поврзани вести