Насилството веќе не завршува во училишниот двор: Сајбер-булингот тивко ги повредува децата пред очите на возрасните
Интернетот, мобилните телефони и социјалните мрежи одамна не се само простор за забава и комуникација. Во новите услови на живеење тие станаа речиси неопходни алатки за учење, информирање, дружење и секојдневно функционирање. Но, колку што можат да бидат корисни и продуктивни, толку можат да станат и простор во кој децата и младите се изложени на различни облици на насилство, пишува Женски магазин.
М-р психолог/психотерапевт Розалија Секулоска објаснува дека со објавувањето лични информации, фотографии, видеа и коментари достапни за голем број луѓе, интернетот создал нов простор за врсничко насилство. Сајбер-булингот, кој се одвива преку мобилни телефони, компјутери и други електронски уреди, денес е еден од облиците на електронско насилство со кој сè почесто се соочуваат децата и младите.
За разлика од класичниот булинг, кој најчесто се случува во училиште, на улица или во непосредна средина, сајбер-булингот може да продолжи и дома, во собата на детето, преку екран. Токму тоа го прави особено опасен – детето не секогаш има чувство дека постои место каде што може да се засолни од навредите, исмејувањето или заканите.
Сајбер-булингот може да се појави во повеќе форми. Тоа може да биде грубо расправање преку интернет, вознемирување, озборување, клеветење, изнудување или ширење лични информации. Може да се случи и преку лажно претставување, социјално исклучување од интернет-групи, заканување или споделување видеоснимки со цел некого да се посрами, повреди или изолира.
Особено загрижувачки е тоа што децата и младите често не го препознаваат веднаш ваквото однесување како насилство. Некогаш го доживуваат како „шега“, „коментар“ или „обична расправија“, но последиците можат да бидат сериозни. Исмејувањето, игнорирањето, отфрлањето или јавното понижување оставаат траги врз самодовербата, емоционалната стабилност и чувството на сигурност кај детето.
Затоа, според Секулоска, најмоќните средства што ги имаат родителите, наставниците и сите возрасни кои се дел од воспитувањето и образованието на младите се довербата и разговорот. Тие не се градат одеднаш, туку уште од најраните контакти со детето. Кога детето расте во средина во која се чувствува безбедно, слушнато и разбрано, полесно ќе се довери ако стане жртва на насилство или ако се најде во ситуација што не знае како да ја реши.
Возрасните треба внимателно да следат што гледаат децата на социјалните медиуми, колку време поминуваат таму и какви содржини им го привлекуваат вниманието. Не е доволно само да се забрани користење телефон или интернет. Многу поважно е да се разговара за тоа што се гледа, што е прифатливо, што е навредливо, што е опасно и какви последици може да има одредено однесување во виртуелниот свет.
Во последно време, на различни платформи како Фејсбук, Инстаграм, ТикТок и други мрежи сè почесто се шират видеа, коментари и фотографии кои не само што го отежнуваат воспитувањето, туку на децата им нудат погрешна слика за агресијата, непочитувањето и неморалното однесување. Од друга страна, токму тие платформи понекогаш стануваат простор за врсничко насилство – за исмејување, навредување, игнорирање и јавно отфрлање.
Секулоска нагласува дека родителите и наставниците треба будно да ги следат децата, но не со цел контрола која ќе создаде отпор, туку со цел заштита и насочување. Децата треба постојано да се потсетуваат дека компјутерите и интернетот се алатки за учење, забава и дружење, но дека и во виртуелниот свет постојат правила, етика и последици.
Многу е важно возрасните да откријат дали детето е жртва или агресор во сајбер-булингот. Во двата случаи, реакцијата треба да биде смирена. Ако детето е жртва, треба да му се објасни дека не е само, дека за секој проблем постои решение и дека не треба да молчи. Ако, пак, детето е агресор, важно е да се разговара зошто го прави тоа, што мисли дека добива, а што всушност губи со таквото однесување.
Родителите треба отворено да зборуваат со децата за тајноста на личните податоци, фотографиите и другите информации што не треба да се споделуваат јавно. Потребно е да се постават јасни правила – што може да се објавува, што може да се чита, како се реагира на вознемирувачка порака и кому детето треба да се обрати ако се почувствува загрозено.
Доколку детето добие вознемирувачка порака, важно е да не ја брише, да не одговара на неа и веднаш да се довери на возрасна личност во која има доверба. Таа порака може да биде доказ и може да помогне во спречување на понатамошно насилство.
Еден од важните начини за превенција е и ефективното структурирање на слободното време. Кога децата имаат квалитетно исполнет ден, со активности, разговор, спорт, дружење, креативност и семејна поддршка, помала е веројатноста нивниот свет да се сведе само на екранот и на виртуелното одобрување од другите.
Децата можеби знаат повеќе од родителите и наставниците за технологијата, но возрасните знаат повеќе за животот. Затоа, нивна должност е да постават правила, да бараат тие да се почитуваат и, најважно од сè, да бидат присутни. Не само како контролори, туку како луѓе на кои детето може да им се обрати кога ќе му биде најтешко.
Извир: Женски магазин