Сколиозата е подмолна и бара редовна контрола, детето изгледа здраво, а ’рбетот се искривува без болка - најмладиот опериран пациент имаше 5 години: Доц. д-р Нерон Поповски, кој воведе магнетски растечки систем за корекција без повторени операции
Доц. д-р Нерон Поповски е специјалист ортопедски хирург со субспецијализација по спинална хирургија и доктор на медицински науки, со повеќегодишно искуство. Неговата професионална приказна е тесно поврзана со третманот на сколиозата - тема на која ѝ ја посветил и својата докторска дисертација, но и голем дел од секојдневната клиничка работа. Она што го издвојува како ортопедски хирург не е само во начинот на кој оперира, туку во начинот на кој носаи одлуки и како ги води пациентите и нивните семејства низ целиот процес. Вели дека довербата, ја гради преку искреност и јасност. Секогаш отворено зборува за состојбата на пациентот, за ризиците, за очекувањата - без разубавување, но и без непотребен страв.
Работи на Универзитетската клиника за ортопедски болести во Скопје, а како консултант е ангажиран и во Клиничката болница Жан Митрев. Во текот на кариерата, д-р Поповски стои зад воведувањето на шест нови хируршки методи во својата матична институција и уште четири на национално ниво. Меѓу нив се издвојуваат современите пристапи за третман на сколиоза со интраоперативен неуромониторинг, како и примената на MAGEC Rod системот кај деца во раст- методи што значително ја унапредуваат безбедноста и квалитетот на лекувањето. Но, зад професионалниот ангажман стои и една многу лична филозофија: дека извонредноста и емпатијата не се спротивности, туку предуслов за вистинска медицина. Како татко на две деца и сопруг на Христина Поповска, тој оваа рамнотежа ја живее и надвор од операционата сала, пишува Женски магазин.
ЖМ: Во време кога децата сè повеќе седат и користат технологија, превенцијата станува особено важна. Што можат родителите и децата да направат во секојдневниот живот за правилен развој на ’рбетот и намалување на ризикот од појава на сколиоза?
- Денес, реалноста е дека децата поминуваат повеќе време наведнати над телефон или компјутер отколку во движење и тоа веќе јасно се одразува во нашата пракса. ’Рбетот не е статична структура, туку систем што се развива и обликува со растот. Секојдневните навики имаат кумулативен ефект.
Наместо строги правила, потребно е создавање на здрави рутински навики. Движењето треба да биде дел од секој ден, без разлика дали станува збор за спорт, игра на отворено или едноставно пешачење. Пливањето, е особено корисно, бидејќи ја активира мускулатурата што го стабилизира ’рбетот, без дополнително оптоварување.
Подеднакво важна е и свесноста за држењето на телото, но без постојано опоменување. Не се работи за тоа детето постојано да слуша ‘седи исправено’, туку за условите што му ги овозможуваме, правилна висина на стол и маса, редовни паузи при учење, понатаму ранец што се носи на двете раменици и не е претежок.
И конечно нешто што често се занемарува - редовните прегледи. Сколиозата во рана фаза најчесто не предизвикува болка и лесно може да остане незабележана. „Скринингот во периодот на интензивен раст може да направи огромна разлика - дали состојбата ќе се следи или ќе бара хируршки третман,“ нагласува тој.
Во едноставните, секојдневни избори - повеќе движење, подобри навики и навремена контрола - лежи и најсилната превенција. А токму таму, започнува и вистинската грижа за здрав ’рбет.
ЖМ: Сколиозата често започнува тивко, без болка. Кои се симптомите, како наједноставно би објасниле што претставува адолесцентната идиопатска сколиоза?
- Сколиозата е искривување на рбетот во страна кое, кога е поврзано со ротација на пршлените околу нивната вертикална оска, создава деформитет кој е видлив и мерлив. Кога зборуваме за адолесцентна идиопатска сколиоза, зборуваме за состојба која се јавува во периодот на раст, најчесто кај девојчиња, но поретко и кај машки, чија точна причина сè уште не е целосно разјаснета - затоа и „идиопатска", односно без јасно утврдена причина. Се постулира генетска основа.
Оваа состојба е и тема на мојата докторска дисертација, но и на мојата секојдневна хируршка пракса. Она што ја прави особено подмолна е нејзината тивка природа - во раните фази не предизвикува болка. Детето функционира сосема нормално: спортува, се дружи, се смее... и ништо не укажува дека нешто се менува. Обично родителите а и најблиските не знаат дека нешто се случува. Затоа родителите треба да знаат кои се знаците: нееднаква висина на рамената, асиметрија на половината, асиметрија на градниот кош- грпка при наведнување напред. Понекогаш и најмала неправилност - како благо набирање на облеката од едната страна -може да биде доволен сигнал за да се јави младата особа на преглед.
А последиците не се само физички - тие се одразуваат и врз самодовербата, сликата за себе и квалитетот на животот, оставајќи траги што можат да траат со години.
Раното откривање е клучно. Сколиоза од 20 степени претставува сосема поинаков предизвик во споредба со онаа од 50 или 100 степени. Понекогаш разликата меѓу нив е само прашање на неколку пропуштени месеци.
Оттука произлегува и мојата посветеност кон ова поле, од свесноста дека овие деца се многубројни, а долго време не добивале прав третман од здравствениот систем во Македонија.
ЖМ: Ако примената на конзервативните методи не е опција, хируршкиот третман е единствен избор, тоа е момент што носи многу дилеми и за пациентот и за хирургот. Кога операцијата станува неопходна и како се носи таа одлука?
- Одлуката за операција никогаш не е лесна - ниту за нас лекарите, ниту за семејствата. И токму затоа не треба да биде брза. Кај нас, конзервативниот пристап - физикална терапија, корсет, следење - е секогаш прва линија кога состојбата тоа го дозволува. Но, кога искривувањето на 'рбетот надминува одредени граници, кога деформитетот напредува и веќе влијае на белодробната функција, на квалитетот на животот, на сликата за себе кај едно млaда личност која расте - тогаш операцијата престанува да биде опција и станува одговор.
Носењето на таа одлука е процес - заеднички процес. Јас никогаш не ги ставам родителите пред свршен чин. Детално ги информирам за состојбата, за сите достапни опции, за тоа што може да се очекува од секоја од нив. Тие треба да разберат, да прашуваат, да се сомневаат ако сакаат - и тогаш заедно да одлучиме. Само така одлуката е вистинска и само така довербата останува цела низ целиот процес.
ЖМ: Родителите на едно дете кое беше оперирано кај Вас споделуваат дека биле примени со големо разбирање и дека по завршувањето на операцијата лично сте им се јавиле да ги информирате за исходот. Кога ќе слушнете вакви искуства, што за Вас лично значи тој човечки контакт со пациентите и нивните семејства, и колку Ви е важно да останете близок со нив низ целиот процес?
-За мене, тоа е нешто сосема природно. Кога операцијата ќе заврши, вие сте единствениот што го знае исходот. Родителите чекаат надвор - со часови, во тишина исполнета со страв и надеж. Нивното дете е во ваши раце. И кога сè ќе помине добро, првото нешто што треба да го слушнат е вашиот глас. Не медицинска сестра, не дежурен лекар - туку вие.Тоа не е само гест на учтивост. Тоа е дел од лекувањето.
Моето мото - извонредност и емпатија, не се само зборови, туку принцип по кој работам. Довербата не се гради само со скалпел. Таа се гради со присуство, со транспарентност, со тоа да бидете таму и кога е најтешко, но и кога тешкото веќе поминало.
Со мојата прва пациентка сум во контакт и денес. И со сите што дојдоа после неа. Секој случај носи своја приказна - од моментот на првото сомневање, преку неизвесноста во потрагата по одговори, до одлуката и конечниот исход. Различни патишта, но секогаш обединети со истото чувство: страв и надеж, испреплетени.
Токму затоа создадовме и нешто посебно - тивка, но силна мрежа на поддршка. Пациентите кои веќе го поминале овој пат се тука за оние што сè уште стојат на почетокот, со прашања и дилеми. Зашто ништо не смирува повеќе од разговор со некој кој бил на истото место, кој го носел истиот товар на неизвесност - и кој денес живее нормален, исправен живот.
И тука медицината ја надминува својата класична рамка. Тука влегува човекот.
Многу повеќе прочитајте во целосното интервју на Женски магазин.