Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Откажете се од возачката и ќе добиете 25.000 евра“ – Како Малта го решава проблемот со огромниот број возила на островот?

„Откажете се од возачката и ќе добиете 25.000 евра“ – Како Малта го решава проблемот со огромниот број возила на островот?

Додека голем број земји мака мачат со сè поголемиот број возила, Малтежаните најдоа решение и преку финансиски стимулации ќе се обидат да ги натераат младите да се откажат од возачките дозволи.

Како што соопштуваат тамошните медиуми, шемата е наменета за возачи до 30 години и ќе се спроведува по принципот „прв дојден, прв услужен“.

Апликациите за младите возачи кои се подготвени да се откажат од својата возачка дозвола во замена за 25.000 евра беа отворени уште во јануари годинава, а програмата ја спроведува Transport Malta.

Право на аплицирање имаат млади лица на возраст до 30 години. Тие ќе треба да ја предадат својата возачка дозвола за период од пет години, а за возврат ќе добиваат по 5.000 евра годишно во текот на тие пет години.

Според информациите за оваа цел се одвојуваат по 5 милиони евра годишно, односно вкупно 25 милиони евра за петгодишниот период.

Тоа значи дека средства ќе има за најмногу 1.000 апликанти.

  • За да се квалификуваат, кандидатите мора:
  • да живеат во Малта најмалку седум години,
  • да поседуваат возачка дозвола од категорија Б најмалку 12 месеци,
  • да имаат дозвола издадена од земја членка на ЕУ.

На грантот немаат право:

  • лица кои имаат право да бидат возачи, вклучително и носители на политички функции и нивните сопружници или партнери,
  • јавни службеници, вклучително и дипломати во странски мисии, амбасади или претставништва, како и нивните сопружници или партнери,
  • лица чија работа бара да поседуваат важечка возачка дозвола.

Оние што ќе бидат прифатени, првата исплата од 5.000 евра ќе ја добијат откако ќе ја предадат возачката дозвола, по одобрувањето на грантот. Следните исплати ќе се вршат на годишнината од првата исплата.

Тоа значи дека ако некој ја добие првата рата на 3 февруари 2026 година, втората ќе ја добие на 3 февруари 2027 година.

Во текот на петгодишниот период, успешните кандидати нема да смеат да управуваат возило ниту во Малта, ниту во странство.

Доколку некој биде фатен како вози во тој период, ќе мора да плати дополнителна казна од 5.000 евра, покрај кривичните санкции што важат за лица кои возат без дозвола. Исто така, ќе треба да го врати и преостанатиот дел од грантот од денот на прекршокот па сè до прекинот на суспензијата на дозволата.

По истекот на петте години, учесниците ќе треба повторно да аплицираат за нова возачка дозвола, при што ќе мора да посетат 15 часа обука во лиценцирана автошкола.

Оние што ќе посакаат да ја прекинат суспензијата пред истекот на петгодишниот рок, ќе мора да му го вратат на Transport Malta преостанатиот дел од грантот пред повторно да ја добијат дозволата.

На пример, ако некој одлучи да се откаже од шемата во 13-тиот месец од вкупно 60, ќе треба да врати 20.000 евра. Ако се откаже во 49-тиот месец, ќе треба да врати 5.000 евра.

Можно е апликантите да бидат ослободени од обврската за враќање на средствата ако мораат да ја прекинат програмата од здравствени причини, поради работа или поради други причини што посебна комисија ќе ги оцени како оправдани.

Апликациите ќе бидат отворени до 30 јуни 2026 година.

Шемата првпат беше најавена од министерот за транспорт Крис Бонет уште во април минатата година, како една од мерките за намалување на бројот на автомобили на патиштата во Малта.

На почетокот било предвидено програмата да биде отворена за сите возачи и да стартува до летото, но по добиените реакции нејзиното лансирање било одложено, а условите биле променети така што сега е насочена само кон младите возачи.

Извор: Машки магазин 

Фото: Freepik


Слично

Поврзани вести