Најопасната бемка е онаа што ја игнорираме: Меланомот се открива со очи, но често предоцна
Сонцето го чекаме цела година. Го поврзуваме со море, одмор, тен, фотографии, кафе на отворено и чувство дека животот конечно се враќа во боја. Но токму таму, во таа желба „малку да фатиме боја“, често почнува најопасната заблуда – дека изгореницата ќе помине, дека бемката е „само бемка“ и дека прегледот кај дерматолог може да почека, пишува Женски магазин.
Овој понеделник, 4 мај 2026 година, се одбележува Melanoma Monday, ден посветен на подигнување на свеста за меланомот – најсериозниот облик на рак на кожата. Американската академија за дерматологија го означува Melanoma Monday како првиот понеделник во мај, а во 2026 година тој паѓа токму на 4 мај.
Проф. д-р Андреј Петров, специјалист по дерматовенерологија во „Аџибадем Систина“, во една прилика во интервју за Женски магазин предупреди на клучната вистина: меланомот најчесто не почнува со болка, ниту со чешање. Почнува со промена што може да се види – нова пигментна промена, бемка што ја менува бојата, големината, формата, границите или почнува да крвави.
И токму затоа оваа болест е истовремено опасна и „фер“ – кожата е орган што го гледаме. Прашањето е дали навистина ја гледаме.
Алармантната бројка за Македонија
Во Македонија меланомот веќе не може да се третира како ретка дијагноза што се споменува само кога ќе започне сезоната на сонце и плажа. Податоците покажуваат дека оваа болест станува сè повидлива и сè посериозен јавноздравствен предизвик.
Според податоците на Фондот за здравствено осигурување и Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, бројот на пациенти со меланом во Македонија се зголемил од 237 во 2020 година на 514 во 2025 година. Тоа значи раст од 116,9 проценти за пет години. Уште поважно, бројот на новодијагностицирани случаи се зголемил од 63 во 2020 година на 174 во 2025 година, што јасно покажува дека меланомот станува дијагноза што сè почесто се открива кај пациентите.
Загрижувачка е и смртноста. Според Институтот за јавно здравје, во 2023 година од меланом во Македонија починале 55 лица, со стапка на смртност од 3,0 на 100.000 жители. Податоците покажуваат и значителна разлика меѓу половите: од починатите, 41 биле мажи, а 14 жени. Кај мажите стапката на смртност изнесувала 4,5 на 100.000 жители, додека кај жените 1,5 на 100.000 жители, пишува Женски Магазин.
Овие бројки не се само статистика. Зад нив стојат пациенти, семејства и дијагнози кои често можеле да бидат откриени порано. Меланомот има една важна особеност – најчесто се појавува на кожа, орган што може да се види и да се прегледа. Токму затоа редовниот самопреглед, дермоскопскиот преглед кај дерматолог и навременото реагирање при секоја промена на бемка или појава на нова пигментна промена се клучни.
Бројките се предупредување дека превенцијата не смее да се сведува само на користење крема за сончање во лето. Таа треба да стане навика: заштита од УВ-зрачење, избегнување сончање во најризичниот дел од денот, откажување од солариум и барем еден годишен дерматолошки преглед. Кај меланомот времето е пресудно – рано откриен, може успешно да се лекува; откриен доцна, станува една од најопасните форми на рак на кожата.
Меланомот не мора да боли за да биде опасен
Најчесто првиот знак не е болка, туку промена – бемка што станува асиметрична, потемна, поголема, со неправилни рабови или нова дамка што ја немало претходно.
Кожата е единствениот орган што секој ден го гледаме, а сепак често го игнорираме.
За разлика од многу други карциноми, меланомот може да се забележи со голо око. Самопрегледот еднаш месечно може да биде првиот чекор кон навремено откривање.
Многу повеќе за опасностите, но и како преку самопрегледи да откриете дали имате опасни бемки на Женски магазин.
