Економија, финансии, бизнис

Контакт

Мозаик на можности: Деца со Даунов синдром во креативна работилница изработуваа мозаици како можност за одржливо самовработување

Мозаик на можности: Деца со Даунов синдром во креативна работилница изработуваа мозаици како можност за одржливо самовработување

Денес се одбележува Денот на лицата со Даунов синдром – ден посветен на прифаќањето, разбирањето и почитувањето на различностите што нè прават луѓе. Ова е момент кога се потсетуваме дека секој поединец има свое место во општеството и дека вредноста на човекот не се мери според неговите ограничувања, туку според неговата човечност, топлина и способност да сака.

Дауновиот синдром е состојба што се јавува кога хромозомите се развиваат поинаку, во форми како трисомија, мозаицизам или транслокација. Но зад овие медицински термини стојат луѓе – соништа, емоции, таленти и желби. Секој човек ги чувствува емоциите на свој начин – понекогаш деновите се исполнети со светлина, понекогаш со предизвици. И токму затоа е важно да создадеме простор каде никој нема да се чувствува притиснат да биде нешто што не е, туку слободен да се изрази искрено и достоинствено.

Овој ден нè повикува да бидеме повнимателно слушатели, да учиме со отворено срце и да градиме општество во кое постои вистинска поддршка. Лицата со Даунов синдром учат, работат, создаваат, истражуваат и го следат својот пат. Попреченоста е само дел од нивниот идентитет – не и нивната дефиниција. Со јазик кој почитува и искрена грижа, ние ја потврдуваме нивната вредност и придонес.

Кога бариерите се рушат, расте самодовербата. Кога односите се градат со љубезност, припадноста станува реалност. Затоа, денешниот ден не е само симболика – туку потсетник дека прифаќањето треба да биде секојдневна практика.

Во „Трисомија 21“, првото здружение на граѓани за помош и поддршка на лица со Даунов синдром, членовите постојано покажуваат дека границите постојат само за да се надминат. Тие повторно изненадија со нова креативна активност, овојпат преку изработка на мозаици во соработка со Здружението за мотивација и развој на комуникации ДИЈАЛОГ.

Во рамки на проектот „Вештини – клучот на зелената економија“, поддржан од Амбасадата на Словенија во Скопје и Фондот за развој при Министерството за надворешни и европски работи на Словенија, учесниците започнаа обуки за мозаик со пазарна вредност. Оваа иницијатива не само што ги поттикнува креативните способности, туку отвора и нови можности за економско зајакнување, развој на претприемништво и вклучување во современите текови на зелената економија.

Во инспиративна и едукативна атмосфера, под менторство на визуелниот уметник Мари Јанева и мозаичарката и филолог Јасмина Бошевска, учесниците ги откриваа тајните на мозаикот – од техниките на сечење и обликување рециклирани керамички плочки, до создавање уникатни дизајни инспирирани од природата и македонските ендемични растенија. Секое дело беше израз на љубов, трпение и посветеност.

Посебна топлина на настанот му дадоа и заедничките моменти на радост – роденденот на Стефан, кој беше одбележан во духот на заедништво, насмевки и искрена среќа.

Како што истакнуваат од Здружението за мотивација и развој на комуникации ДИЈАЛОГ:

„Во фокусот на проектот е економското зајакнување на младите, вклучително и лица од различни социјални групи и етнички заедници, преку обуки и практични активности од областа на традиционалните вештини, знаења и занаети. Целта е развој на нивните претприемачки капацитети и создавање одржливи можности за самовработување, стартап иницијативи и микро-претприемништво. Истовремено, концептот на проектот интегрира поширока визија за развој во повеќе области: ревитализација и одржливо управување со природните екосистеми, зајакнување на врската со природата, како и развој на културата и туризмот. Проектот ги поврзува принципите на зелената економија со општествената одговорност кон екологијата, културното наследство, традицијата и науката, создавајќи основа за одржлив локален развој“.

Останува пораката да бидеме љубопитни, отворени и подготвени да учиме едни од други – затоа што вистинската сила на едно општество лежи во неговата способност да прифаќа, поддржува и создава можности за сите.

РЖМ - Г.Д.Г
Фото: Фејсбук

Слично

Поврзани вести