Економија, финансии, бизнис

Контакт

Македонката Марта Димоска дел од тимот на NASA за мисијата кон Месечината: „Не можам да поверувам дека ова е реалниот живот“

Македонката Марта Димоска дел од тимот на NASA за мисијата кон Месечината: „Не можам да поверувам дека ова е реалниот живот“

„Поддршката на астронаутите и придонесот во човечките вселенски мисии поврзани со програмата Artemis program сè уште ми звучат нереално кога ги кажувам гласно, а денешниот ден го прави сето тоа уште попосебно“ – напиша на својот Инстаграм профил Марта Димоска, Македонка која работи на проекти поврзани со враќањето на човекот на Месечината, објави Женски магазин.

Димоска, на социјалните мрежи позната како „astro_smarta“, деновиве сподели повеќе објави поврзани со мисијата Artemis II – историски проект со кој по повеќе од половина век човештвото повторно се враќа кон Месечината.

Во новата фаза од кариерата, таа се преселила во Хјустон и се приклучила на тимот во вселенскиот центар NASA Johnson Space Center, каде работи на програмата за човечко здравје и перформанси.

„Оваа вест ја чувам повеќе од еден месец и сè уште ми изгледа нереално. Влегувам во ова поглавје во навистина историски момент и тешко ми е да поверувам дека ова е реалност“ – сподели таа.

Во рамки на својата улога, Димоска работи на поддршка на здравјето на астронаутите, следење на стандарди и координација меѓу различни програми, со цел подобра подготвеност на човечките мисии во длабоката вселена.

„Денес е уште посебен ден – Artemis II се лансира, а јас ќе го следам и поддржувам тоа од работа“, додава таа.

Инаку, мисијата Artemis II означува почеток на нова ера во вселенските истражувања. Ракетата на NASA успешно полета од вселенскиот центар „Кенеди“, а оваа програма има за цел враќање на човекот на Месечината до крајот на деценијата и подготовка за идни мисии кон Марс.

Димоска потекнува од Кичево и е прв магистер по вселенски науки од Македонија. Таа студирала на Меѓународниот вселенски универзитет во Стразбур, како и на Florida Institute of Technology, институции од кои произлегле бројни астронаути.

Претходно, во 2022 година, таа стана првата Македонка и првата жена од Балканот аналоген астронаут, учествувајќи во симулација на мисија на Марс.

Со новата позиција, таа станува една од ретките Македонки кои директно учествуваат во проекти поврзани со програмата Artemis и иднината на човечкото истражување на вселената.

РЖМ / Б. С. Б.

Фото: Инстаграм


Слично

Поврзани вести