Колку вреди животот на една жена
1.Во 2025 година, 1 од 3 жени во светот (околу 840 милиони) доживеале физичко и/или сексуално насилство во текот на животот. Овој процент не се сменил во последните 20 години (World Health Organization и UN Women);
2.Околу 316 милиони жени (или 11% од жените на возраст од 15 години или повеќе) биле жртви на физичко и/или сексуално насилство од интимен партнер во текот на последните 12 месеци;
3.Околу 50.000 жени и девојчиња годишно се убиени од страна на партнер или член на семејството (во просек, околу 137 случаи дневно);
4.Во Европа, 31% од жените доживеале физичко и/или сексуално насилство од својата 15-годишна возраст (European Institute for Gender Equality);
5.Повеќе од 50% од жените во Источна Европа и Централна Азија доживеале сексуално вознемирување преку социјални мрежи, споделување интимни фотографии и закани;
6.Во Европа, 1 од 3 жени доживува некаква форма на насилство и околу 2.300 жени годишно се убиени од партнер или член на семејство.
Тажно и поразително, нели? Додека ги пребарував овие податоци, имав една грутка во грлото и тескоба во градите. И не е дека не знам оти ситуацијата не е блескава за нас, жените. Не е дека живеам во розов свет или дека имам розови очила на носот, па не ми е јасно што се случува во светот. Не е дека се надевав оти од претходното вакво истражување (оти не е првпат и за жал, нема да е последен да пишувам на оваа тема) до сегашново, нешто ќе се смени. А сепак, сепак секој пат кога роварам по интернетов како со тупаница во стомак ми снемува воздух од бројките кои никако да почнат да одат удолу.
Можам да разберам несогласувања, впрочем сите сме различни и секој од нас си има свое толкување и свое гледање на некој проблем. Можам да разберам дискусија во која ќе се натегаме, објаснуваме, инаетиме можеби. Можам да разберам суетно држење до нашата субјективна вистина, која и не мора да е објективна. Паметам како некогаш сум знаела да сум толку инает што и кога ми било кристално јасно дека грешам, сум одела со глава во ѕид за после да се каам и да се извинам. Можам да разберам дека некогаш во караница ти се одмилува човек до степен да не можеш да го погледнеш од што те нервира. Ама не можам да разберам, не сакам и никогаш нема да разберам кревање рака некому.
Попримитивен начин на комуникација (ако воопшто и може да се нарече комуникација) од тоа да се удри некој, не постои. И нема оправдување, НЕМА. Тој кој што кренал рака еднаш, ќе крене пак. И пак. И пак. Нека не се залажува било кој дека “ама беше изнервиран”, “не му оди добро на работа”, “се напи чашка повеќе” е оправдување, затоа што не е. Нема оправдување за удирање жена или дете. Поточно, нема оправдување за удирање, точка!
Но, денес нема да зборување за насилството општо. Денес ќе зборуваме за насилството врз жените, за тоа колку чини животот на една жена...која може да си ти, која може да сум јас, која може да е твојата сестра или мојата ќерка.
1.Во Македонија во 2025 година имало 4.745 пријави за семејно насилство;
2.Во македонија во 2025 година имало 6 убиства на жени (фемициди или случаи поврзани со родово насилство);
3.Од 2021-2025 година во Македонија се убиени 26 жени;
4.Во Македонија 44% од жените доживеале психолошко насилство од партнер;
5.Во 2026 година, во Македонија се регистрирани 4 случаи на фемицид (а само е месец март);
6.Осумнаесет жени и две малолетни девојчиња биле убиени во Македонија од 2023 година до ноември 2025 година.
Јас сум Ана Бунтеска, жена, мајка, ќерка. Но, можев да бидам ТАНКИЦА, РОСИЦА, ИВАНА.
Секоја од нас можеше да биде на нивно место заради одреден сплет на околности. Судење и осудување, кометирање за тоа дали можела некоја жена да постапи вака наместо онака, не држат вода. Отстрана е многу лесно да се дава ум како треба и како не треба. Отстрана е поприлично лесно да се живее туѓиот живот, оти не ги носиме чевлите на тие кои ги критикуваме. Во уста да не ставаме ниту една жртва на семејно насилство, оти да можеле, ќе постапеле поинаку. Да имале поинакви можности, можеби немаше да бидат жртви. Да ни функционираа институциите како што треба (оти се платени од наши пари, што подразбира дека треба нам да ни служат), ќе немавме 4.745 пријави за семејно насилство во 2025 година, ниту 4 жртви во 2026 година.
Не се коментира за ниту една жртва на семејно насилство, никогаш! Не се везат приказни дали и како можеле, зошто ова или она не сториле додека седиме зад тастатури, грицкајќи чипс, заштитени и без никаква опасност околу нас. Голем дел од нас не знаат како е да се спие со едното око отворено за да не му текне на насилникот да се “истуши” во текот на ноќта. Голем дел од нас не знаат како е да се тресете додека принесувате ручек, оти може да добиете ќотек ако јадењето е претопло, престудено, ако салфетата не е на десна страна, ако вилушката е пред ножот а тој сакал понаку. Многу од нас не знаат како е да ни се згрчува телото кога ќе помине покрај нас насилникот, оти честопати ударите се на поминување, колку да се задоволи садистичкиот нагон. Многумина од нас не знаат каков е тој страв кој парализира, па му се плашите од сенката, се плашите дека ако излезе од затвор ќе ве најде и докусури. И тоа само затоа што ниедна институција не се потресе докрај да издејствува комплетна заштита на жртвите, оти остануваат жртви и понатаму.
Да се седи во топлината на домот во кој најголем проблем е дали сопругот/партнерот сам ќе го поправа казанчето или ќе се вика мајстор, а истовремено да се коментира “е зошто ја повлекла пријавата?”, “зошто не избегала”, “зошто ова, зошто она” е во најмала рака нечовечно. Има жени кои немаат приходи и кои немаат каде да одат, има жени кои се толку уморни и уплашени, што стравуваат и од сопствената сенка. Има жени кои дури и од своите семејства немаат поддршка и на кои им се вели “сама си го одбра”. А ниту една, ама баш ниту една не одбрала пекол...знаејќи дека ќе живее во пекол. И сите жртви не наишле на потполна и бескомпромисна спремност на надлежните да им излезат во пресрет и да ги заштитат.
Јазиците во уста, освен ако не се пуштат на најсилно за да издејствуваме работите да се сменат. Да памтиме дека многу лесно може да сме ние на местото на жртвата на семејно насилство. Никој од нас не знае како и со кого ќе ни живеат децата. Секоја бројка што погоре ја прочитавте има име и лик. Ниту една жена не е статистика, не е број, не е процент. Мора да бараме одговорност, мора да ги поддржуваме жртвите, мора да градиме систем што е навремен, ефикасен и непоколеблив. Мора да научиме дека семејното насилство и фемицидот не се приватна работа, туку кршење на човековите права и обврска на целото општество. Животот на една жена, твојот живот, мојот живот, животот на нашите сестри и ќерки не е статистика. Тој е свет, тој е еден цел Универзум. И тој Универзум мора да биде заштитен, да биде почитуван, да биде жив. Ниту една од нас не “си го бара” и ниту една од нас не е виновна ако има насилен партнер. Ниту една од нас не смее да биде покажана со прст, критикувана, двојно виктимизирана. Ниту една од нас не смее да живее со помислата дека сторила нешто со што заслужила да е удрена или психички злоставувана.
Јас сум Ана Бунтеска, жена, мајка, ќерка. Можев да бидам Танкица, Росица, Ивана. Можев да бидам жената која токму во овој миг е удрена, понижена, беспомошна.
КОЛКУ ВРЕДИ ЖИВОТОТ НА ЕДНА ЖЕНА, КОЛКУ ВРЕДИ ЖИВОТОТ НА СЕКОЈА ОД НАС?
Да сте ми живи и здрави, ви подарувам песна.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Никојпат да не се враќаш
Онаму каде што душата ти плаче
И каде што в коски тескоба имаш
Та ти се чини оти утробата те боли
И како се’ внатре изместено ти е
Небаре срцето в петици ти заминало
Никојпат да не се враќаш
Онаму каде што збор поган в лице ќе те плесни
И каде што нечија рака модро ќе ти остави
И поганлакот ќе пржи како сол на рана жива
Оти еднаш плукнат збор и рака крената
Не трпи ветување за “никогаш повеќе”
Никојпат да не се враќаш
Онаму каде што ликот ќе ти венее
И каде што под очите црно ќе имаш
Од ноќи исплакани и неспани
Од јад и немоќ нешто да смениш
Колку и да мислиш оти љубов е
Никојпат да не се враќаш
Онаму каде што денот од неубо ко век ти се гледа
А ноќта ти е црна и со сите светла запалени
Да не се враќаш во куќа која дом не е
И кај чоек од кој чоек не ќе биди
Колку и преколнувања лажни да слушаш
Никојпат да не се враќаш
Онаму каде што своја не си
И каде што на мислата некој ќе ти стапни
Та устата ќе ти ја зашие со конец свилен
Убедувајќи те оти од милост е
И оти така поубава ќе бидеш
Никојпат
Никојпат да не дозволиш
Било кој со животот твој да си поигрува
И достоинството твое за подбив да му биди
Да ти го згорчува секој залак
А за водата да ти се чини оти отров голташ
Никојпат себе да не се заборавиш
И на своите желби да си плукнеш
Оти после ниту огледалото не ќе те крепи
Нит ликот ќе си го љубиш
Нит себеси ќе се цениш
Оти нема ништо пострашно
Ниту поболно има
Кога омразата ко љубов ти се сервира
И кога наместо убост
Во тебе се’ полека умира
Како од болест
Како од тешка болест
За која иљач нема
Никојпат
Никојпат да не се враќаш
Онаму каде што несреќата
Среќа некој ќе ти вели оти е
И навреме да се спасиш
Без вртење главата да си заминиш
И никојпат
Никојпат повеќе да не се вратиш
Извор: Женски магазин