Зврлевски: Ќе покренеме постапка за случајот „Актор“!
Опозициската СДСМ и експертите бараат надлежните институции да почнат постапка за испитување на аферата поврзана со грчката компанија “Актор”, која ја гради делницата Демир Капија- Смоквица. Од Јавното обвинителство велат дека до нив сеуште не стигнало известување од Агенцијата за финансиско разузнавање и од Финансиската полиција.
-До нас сеуште не стигнато известување од овие две институции. Законски прво треба да реагираат овие институции, па потоа постапува Јавното обвинителство. Но доколку до крајот на следната недела не добиеме известување, тогаш ние ќе покренеме постапка за случајот по допрен глас, изјави за Фактор државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски.
Најповиканата институција во случајот, Агенцијата за финансиско разузнавање и понатаму е затворена за информации. Во текот на вчерашниот ден се обидовме да стапиме во контакт со некој кабинетот на директорот на Агенцијата, Владимир Атанасов, но безуспешно. Претходниот ден од кабинетот не сакаа да коментираат, а кога предложивме електорнски да пратиме прашања, ни рекоа дека имаа проблем со интернетот што може да трае и цела недела.
Од Европската банка за обнова и развој, која е еден од финансиерите на делницата, не сакаат да коментираат за случајот. А нема коментар ниту од претставништвото на фирмата “Актор” во земјава, директорот ќе бил на пат во странство цел месец.
Од ВМРО ДПМНЕ не отстапуваат од ставот, дека проектот се реализира законски.
-Исплатите на фирмата “Актор” според извршените работи се прават по извршена супервизија на реализацијата, на матичната фирма во Грција. Значи подружницата во Македонија не изнесува пари, туку внесува пари во земјата за да ги исплати работниците во земјава и суровините кои ги купува во земјата.Второ и значајно, на месечна основа се информира Европската Комисија која ги обезбедува средствата за сите реализирани активности на автопатот. Ова е уште еден неуспешен обид на СДСМ да фрли дамка на нфраструктурните проекти кои ги реализира Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Цело време додека беа на власт камен на камен не ставија. Знаат дека народот памети и дека поради тоа ќе ги изгубат и овие избори, изјави Елена Кузмановска од ВМРО ДПМНЕ.
СДСМ повика да се изјасни премиерот
Од СДСМ ги повикаа институциите да го расчистат случајот, а побараа за сомнителните извлекувања на пари да се изјасни и премиерот, Никола Груевски.
-Чудниот молк на институциите во Македонија за одлевање на милиони евра кеш кај државјани на Република Грција потврди дека зад проектот се крие огромен мега скандал. Управата за финансиско разузнавање во која е отворена и стопирана истргата за случајот, со молкот ги потврди скандалозните информации кои водат кон перење пари во Македонија, преку државјани на Република Грција. Неверојатно е премиер на држава да се огради преку соопштение од неговата партија за случај од невидени размери. Изнесени 3,5 милиони евраво кеш, од сметка на фирма партнер на Владата, изјави Петре Шилегов, портпарол на СДСМ.
Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески им порача на опозиционерите доколку поседуваат документи да ги поднесат до надлежните институции.
-Во неколку наврати ВМРО – ДПМНЕ како политичка партија на власт реагираше на овие изјави. СДСМ сака на некој начин да ја дефокусира јавноста од успешните проекти кои се реализираат во моментов. Никогаш досега во историјата на Република Македонија не се граделе три автопатишта, што е инвестиција од околу 800 милиони евра, а ако имаат било какви информации, институциите ќе превземат соодветни мерки, изјави Миле Јанакиески, министер за транспорт и врски.
Експертите порачуваат, надлежните не треба да молчат
На институционална транспарентност повикаа и експертите. Укажуваат дека институциите мора да се зафатат со расчистување на случајот за да се отстранат сите сомнежи за евентуални малверзации со парите наменети за изградба на делницата. Според експертите, важно институциите ако постојат било какви нелегални работи да ги пресретнат и прекинат,особено што се работи за пари од европските финансиери, а со кои менаџира макеонската Влада.Познавачите укажуваат дека во целиот случај мора да се следи текот на парите, нивното потекло и каде завршуваат.
-Според законските решенија, едно лице може да подигне повеќе од 10 илјади евра во кеш од сопствена сметка. Спорното во случајов е што станува збор за поголема сума на пари, за што се исплаќале парите, по кој основ?Без разлика на основот на исплатите, трансакциите над 15 илјади евра би требало да бидат пријавнеи во Управата за финансиско разузнавање. Сметам дека мора итно да се превземат оперативно-технички дејства за да се утврдат деталите и да се види дали станува збор за фиктивни договори, вели за Фактор еден од поранешните директори на Финансиската полиција, Миодраг Лабовиќ.
Според Законските регулативи банкарските транскации што се повисоки од 15 000 евра во денарска противвредност мора да бидат регистрирани од банкарите и пријавени во Управата. Законот за спречување на перење на пари предвидува парични казни за оние кои нема да ги почитуваат законските решенија.
Според сознанијата на опозициската СДСМ, грчки државјани во неколку наврати извлекувле стотици илјади евра во кеш од сметката на грчката компанија “Актор”. Од партијата тврдат дека извлечените пари грчките државјани ги предавале на сметководителката на “Актор”, а парите не излегувале од земјава. На овој начин според документите со кои располага СДСМ, се извлечени 3,5 милиони евра, од парите наменети за изградба на автопатот Демир Капија- Смоквица.
Ј.С
Слично
