СТРАНЦИ ОД НАЈМАЛКУ 15 ЗЕМЈИ РАБОТАТ ВО ХРВАТСКА: Каде се македонските работници на оваа листа?
Недостигот на работна сила на пазарот на трудот во Хрватска го пополнуваат странци од најмалку 15 држави, а Македонците се најдоа на високата 4-та позиција. Ова се податоци кои во мај годинава ги објави mojradnik.com.hr, а се однесуваат на состојбата лани и во првиот квартал оваа година.
Оваа листа покажува дека во Хрватска има 18.600 македонски работници, односно 9 отсто од странската работна сила е од нашата земја. Во однос на претходно, има пораст за 8 отсто на бројот на работници од Македонија.

Први на листата се босанските државјани, односно ги има 49.500 и тие сочуваат 24 отсто од странската работна сила во Хрватска.
Втора е Србија, со присуство на 37.200 работници во Хрватска. На трето место со 28.900 работници е Непал. Зад Македонија е Косово, со 14.400 работници. Македонец кој работи во Хрватска објаснува дека работниците од Азија прифаќаат да работат за пониски плати, и како што наведува дел се квалитетен кадар, организирани и вредни, но тоа не важи за сите.
„Има различни култури, различни начини на живот, различно однесување. Моментално работам со Мароканец и Индиец, а во куќата каде што живеам има и тројца Узбекистанци. И знаете сите имаме и маани и предности. Живеев и со Македонци, Срби, Босанци, Филипинци, Хрвати и можам да кажам дека Србите се најблиску до тоа што значи да се биде добар цимер. Има многу Азијци тука и интересно е тоа што за разлика од нас Балканците, тие прифаќаат да работат за било која плата и било кое работно време, додека ние преговараме за условите. И после одреден период, сфаќаат дека работата е тешка, било што да работат, во кујна, доставувачи, собари, градежници и се жалат дека им е ниска платата и многу работни часови им се собираат“, вели Македонец кој работи во Хрватска.
Од Филипините има 12.400 работници. Зад нив се Индијците, со 10.300 работници. Од Украина има 8.200 работници, а од Албанија се 6.200 работници. Понатаму, следи Бангладеш со 4.100 работници. На 10-то место е Турција со 3.100 работници. Од Црна Гора е регистрирано дека има 2.500 работници. Пакистанците се помалку, 2.100 работници. Молдавците се 1.800, а во групата останати има 6.100 работници.

Кај сите групи странци има пораст на бројот на работници кои дошле во Хрватска, со исклучок на Украинците кои се за 5 отсто помалку од порано. Најголем дел од странските работници се вработени во Загреб, односно 52.600, а во Сплитско-Далматинската жупанија има 24.700 странски работници. Во Вараждинската жупанија има најмалку странски работници, односно 6.200. Просечната возраст на странците кои работат во Хрватска е 34 години. Од нив 78 отсто се мажи, а 22 отсто се жени. Од работниците 45 отсто се со средно образование, 35 отсто се со основно, а 20 отсто се со високо образование. Најмногу странци има во градежниот сектор, а потоа следи туризмот и угостителството, преработувачката индустрија, превоз и складирање, земјоделство, трговија, информатика, здравство, административни дејности и друго. Се наведува дека Словенија и Австрија се земји кои на Хрватска ѝ се конкуренција затоа што нудат од 20 до 40 отсто повисоки плати.
Сања Атанасовскаfoto Gemini
