Зврлевски без коментар за наводите на опозицијата
Наводите кои на вчерашната прес конференција ги изнесе опозициската СДСМ денеска јавниот обвинител Зврлевски ги негираше нивните обвинувања дека ја отфрлил кривичната пријава против министерот за финансии Зоран Ставревски откако го замолила министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
„Не би ги коментирал наводите изнесени на прес-конференцијата и начинот на изнесувањето, меѓутоа јас, како јавен обвинител, не сум постапувал по ниту еден предмет каде што пријавено лице бил министерот за финансии, господинот Зоран Ставрески. Јавните обвинители што постапуваат по предметите се апсолутно независни во своето постапување и нив ги обврзуваат само количината и основаноста на доказите, основаноста на сомненијата поткрепени со доказите и со законот. Од мене никој не побарал да се отфрли некаква кривична пријава, ниту, пак, јас сум побарал од некој обвинител да го направи тоа “, изјави денеска Зврлевски.
Тој додава дека по постапувањето по кривичните пријави од страна на јавниот обвинител, се доставуваат решенија за отфрлување на кривичната пријава до оштетениот кој има право да поведе судски спор, односно да поднесе жалба до повисокиот јавен обвинител.
Прашањето дали се води истрага во Обвинителството за она што се слуша на снимките, но и за чинот на прислушување, обвинителот не го коментира.
„Коментирањето на конкретен предмет кој е во постапка навистина би можело да го загрози постапувањето по предметот“, истакна Зврлевски.
Тој појасни дека за сите предмети за кои е отфрлена кривична пријава се известува оштетениот и оти тој има право да поведе постапка пред суд, односно да поведе жалба до повисок јавен обвинител.
Зврлевски потенцира дека Јавното обвинителство во својата работа секојдневно комуницира со Министерството за внатрешни работи во рамки на своите надлежности.
