Зошто Заев нема да објави разговори на прислушувани Министри на ДУИ?
Гостувајќи во албанската телевизија „Топ Чанел“ лидерот на опозицијата Зоран Заев дал интервју во кое открил дека министрите на ДУИ биле прислушувани додека разговарале со нивните колеги министри и влијателни луѓе од Тирана и Приштина
-Тој материјал нема да го објавиме, бидејќи тоа не е етички за министрите на другите земји. Наши министри биле предмет на прислушување, но, тие разговарале со своите колеги во Приштина и во Тирана. Разговорите биле прислушувани, но тие се дел од таа историја и ова е лошо, прво за мојата земја, која дозволила такво нешто, изјавил Заев во интервјуто, пренесува неделникот ФОКУС.
Во текот на интервјуто Заев потенцирал дека допрва ќе бидат објавени нови снимки на прислушувани разговори за сериозни злоупотреби на изборите и државниот буџет, како и криминал што, според Заев, ќе предизвика големи дебати во јавноста.
- Прислушувните разговори на некои владини претставници откриваат злосторствата извршени против оние кои не се во власта, како и нивните семејства. Едно нешто сум сигурен – оваа влада ќе си оди и е само прашање на време кога ќе се случи такво нешто, изјавил Заев.
