„ЗОШТО ВЛАДАТА ГО ШТИТИ ТРИПУНОВСКИ“: СДСМ обвинува дека министерот две недели бега од одговорност за ИПАРД
Наместо да го штити владата да го повика Трипуновски на одговорност за скандалот со ИПАРД средствата. Две недели по обелоденувањето на мега-скандалот со ИПАРД средствата, министерот Трипуновски бега од одговорност и од вистината за суспензијата на над 130 милиони евра европски пари, реагира опозициската СДСМ.
„Дополнително, наместо конкретни одговори, тој на официјално барање од собраниско тело испраќа документ без содржина, без причина за суспензијата, без рокови, без план како да се надмине кризата. Едно големо ништо. Тоа е срам, тоа е навреда за 3.000 потенцијални нови бизниси, за 10.000 работни места кои сега се блокирани, и за сите земјоделци кои со години вложуваат труд, кредити и лични пари за да ги реализираат своите инвестиции“, велат од партијата.
Од СДСМ прашуваат зошто владата го штити Трипуновски за мега скандалот со ИПАРД средствата.
„Наместо да се обидува да го минимизира скандалот владата треба да го повика Трипуновски на одговорност. Министер кој јавно тврди дека не чувствува одговорност за скандал тежок 130 милиони евра од сопствениот ресор не смее да остане на функција. Министер кој ја крие вистината од земјоделците и кој го загрозува нивниот опстанок нема кредибилитет да го води земјоделството“, соопштија од СДСМ.
Слично
