Зошто веледрогеријата на Пановски е економско чудо?
„Др Пановски“ е економско чудо од веледрогерија во однос на конкуренцијата (најголемите четири компании). Има најмали приходи од продажба, а неверојатно високо учество на профитот во вкупниот приход. „Зегин“ и понатаму неприкосновено го држи тронот според вкупен приход, а највисок профит има единствената битолска веледрогерија го големата четворка „Еуро-Фарм“
Најголемите четири веледрогерии во земјава лани направиле приходи кои надминуваат 130 милиони евра, покажуваат официјалните податоци од завршните сметки на „Зегин“, „Еуро-Фарм“, „Др Пановски“ и „Промедика“, достапни во базата на ЦРМ.
„Зегин“ е убедливо најголема веледрогерија во земјава. Приходите на тоа ДОО лани изнесувале 66,05 милиони евра исе речиси исти со збирот на приходите на другите три веледрогерии. Ова фирма, која лани вработувала 88 лица, пак има најмала добивка од конкуренцијата. „Зегин“ лани годината ја завршил со профит од 28.600 евра и е зголемен двојно во споредба со 2017 година. Вкупните расходи на друштвото биле 65,65 милиони евра. „Зегин“ е семејна сопственост на семејството Механџиски.
„Еуро-Фарм“ е најуспешна веледрогерија лани од аспект на остварен профит од продажба. Нејзината добивка е 1,36 милиони евра и е за нијанса повисока од конкурентот „Др Пановски“. „Еуро Фарм“ е единствената веледрогерија што нема седиште во Скопје како другите конкуренти. Таа е од Битола е во сопственост на ќерката на познатиот бизнисмен – градежник Силјан Мицевски, кој беше и политички ангажиран во минатото како градоначалник на Битола. „Еуро-Фарм“ лани оствари вкупни приходи од 32,82 милиони евра, расходите биле 31,33 милиони евра, а добивката е 1,36 милиони евра и е во промили повисока од таа во 2017 година. Оваа веледрогерија вработува најмогу лица во споредба со конкуренцијата – 96 вработени или 5 повеќе од 2017 година.
Економското чудо кај веледрогериите е „Др Пановски“. Taa e nајуспешна веледрогерија од аспект на учество на профитот во вкупните приходи. Оваа скопска компанија лани имала вкупни приходи во износ од 13,02 милиони евра и тие се само за 3 отсто повисоки од претходната година. Нејзините расходи биле 11,58 милиони евра и се за 2 отсто пониски од 2017 година. Добивката на „Др.Пановски“ лани е 1,3 милиони евра. Таа во вкупниот приход учествува со 10 отсто и по тој параметар таа веледрогерија целосно отскокнува од конкуренцијата. Оваа компанија лани вработувала 66 лица што е за 4 повеќе од претходната година.
„Промедика“ е во остра конкуренција со „Др Пановски“ од аспект на приходите. Тие изнесуваат 16,55 милиони евра. Во споредба со 2017 година се пониски за 3 отсто. Нејзината добивка е 153.000 евра и единствено е подобра по тој параметар од „Зегин“. Лани вработувала 92 лица, а нивниот број е за 12 поголем од 2017 година. „Промедика“ лани е лидер во конкуренцијата по број на нови вработувања.
Р. Ф.
