Економија, финансии, бизнис

Контакт

Зошто в Охрид ренде немет?

Зошто в Охрид ренде немет?

Мит ли е фразата дека Охрид е туристички бренд на Македонија? Не. Но дали Охрид живее од туризам? Хмммм...... бројките за најголемите десет охридски компании покажуваат дека ниту една не се занимава со туризам

Дали е Охрид град што живее од туризмот? Древниот центар на словенската писменост низ децениите изгради имиџ на туристички бренд на Македонија. Цркви, манастири, Варош, Потпеш, страотниот поглед од Канео, универзитетот на Свети Климент, куќата на Робевци, чудесните Трпејца, автокампот Љубаништа, фасцинантните извори на Дрим и безвременскиот Свети Наум, феноменалната тераса на „Инекс Горица“. Охридски бисери, уникатна староградска музика. Ресторанот „Далга“, клубот „Џез Ин“, погледот од Велестово... и уште што не... Но дали Охрид живее од туризам? Не! Во најголемите 10 охридски фирми нема ниту една чија дејност е хотелиерство и угостителство...

Охрид не е туристички град иако има таков имиџ. Ова го потврдуваат фактите кои ги генерира охридската економија, а таа покажува дека Охрид, по оставината од гиганот ЕМО останува град на лесната метална индустрија. Факт е дека во најголемите десет компании во Охрид нема ниту една туристичка фирма т.е. хотел или ресорт. А најголемата охридска компанија лани е леарница на обоени метали.

Најголемата охридска компанија е словенечката аквизиција Леарница ЛТХ која остварила приходи во износ од 27,8 милиони евра и добивка од работењето во износ од 3,2 милиони евра. Оваа охридска фирма е во сопственост на „ЛТХ Кастингс улитки ДОО“.

Втора по остварен приход лани била странската гринфилд инвестиција „Костал“ која остварила приход од 23,4 милиони евра. Лани оваа компанија која изработува електроопрема за големите светски автомобилски производители завршила со загуба од работењето во износ од 6,5 милиони евра.

И на трето место е повторно компанија од металната индустрија. Домашната фирма НО.МА. Метал , сопственост на охриѓанецот Новко Плаќаноски се заминава со производство на метални производи. Оваа компанија лани остварила приход од 21,7 милиони евра и профит од 327.000 евра.

Следува компанијата што ги дистрибуира производите на Тиквеш и на Пивара Скопје, охридска компанија Екстра Скопско Косел, сопственост на Кире Колески. Оваа фирма лани остварила приход од 20,5 милиони евра и годината ја завршила со добивка од 309.000 евра.

Во првата петорка на охридската економија лани уште една локална компанија, сопственост на Љупчо Којчиноски. Станува збор за Моби Петрол компанија за трговија на мало со деривати. Оваа фирма остварила приход од 9,9 милиони евра и добивка од половина милион евра.

Компанијата за производство на амбалажа од пластични маси АСП МАК лани остварила приход од 9,85 милиони евра и годината ја завршила со добивка од 841.000 евра.

Заштитното друштво „Отпад“ е седма компанија лани според остварениот приход и и нејзината реализација лани е 9,1 милиони евра,а профитот изнесува над половина милион евра.

Во најголемите 10 се уште три охридски компании, а една од нив е „Жито Леб“ со приход од 8,4 милиони евра и добивка од 187.000 евра. Следна на листата е уште една металска компанија, а тоа е П.Н. Метал во која ко-сопственик е повторно Новко Плаќаноски, газдата на НО.МА. Метал . Дејноста на П.Н. Метал е производство на печки и горилници, а лани остварила приход од 8 милиони евра и добивка од 970.000 евра.

Најмала во првата постава на охридската бизнис заедница според остварениот приход е трговската компанија Тамаро Маркет сопственост на охридската фирма ТД А.М. ДООЕЛ, со приход од 8,2 милиони евра и добивка од 234.000 евра.


Р.Ф.

Фото: Фејсбук

Слично

Поврзани вести