Зошто Турција нареди евакуација на Каркамиш?
Турција од безбедносни причини денеска нареди евакуација на граѓаните на пограничниот град со Сирија, Каркамиш, објави Си-Ен-Ен Турк.
Полицијата со мегафон ги предупреди луѓето да се повлечат од градот каде беа истрелани две минофрлачки гранати од територијата на Сирија. Градот се наоѓа во близина на Џарабулус во Сирија, кој е под контрола на џихадистите од организацијата „Исламска држава“.
Медиумите јавуваат дека сириските бунтовници подготвуваат голема офанзива за да ја повратат контролата врз Џарабулус.
Турскиот министер за надворешни, Мевлут Чавушоглу изјави дека Турција ќе пружи секаков вид поддршка на операциите против џихадистите во Сирија и Ирак, како и можна офанзива на Џарабулус.
Тој додаде дека Турција е одлучна во борбата против исламистите и курдските милиции како во земјата, така и надвор од неа. Шефот на турската дипломатија смета дека тие две групи ги интензивирале нападите во Турција по обид за пуч кој се случи во јули. Чавушоглу рече дека Турција во воздушните напади во северен Ирак убила 650 борци на ИД.
