ПО ПРЕЖИВЕАНИОТ КОШМАР НА 6.000 МЕТРИ: „Рајанер“ му понудил само нов авионски билет на патникот кој за малку ќе испаднеше од авионот!
Патникот кој речиси бил всмукан низ скршен прозорец за време на лет на „Рајанер“ на височина од 6.000 метри, тврди дека единствената компензација што му ја понудила авиокомпанијата била — нов авионски билет. Љубиша Каровиќ (61) од Србија веќе ангажирал адвокат и бара сериозна отштета од ирската авиокомпанија, објави „Телеграф“.
Драматичен лет над Грција
Инцидентот се случил пред две недели на утрински лет од Грција кон Германија. Каровиќ спиел кога прозорецот до неговото седиште одекнало и се скршил, а наглата промена на притисокот делумно го извлекла надвор од авионот. Тој вели дека во текот на двете недели по инцидентот, никој од „Рајанер“ не го контактирал лично.
„Добивме е-пошта само на името на мојот син, кој ги резервираше билетите. Прашаа дали сакаме нов лет и како сум. Но, никој од компанијата не ме контактираше директно, ниту пак ми се јавија за да покажат каква било загриженост“, рече Каровиќ.
Од сигурна смрт го спасиле неговата сопруга Светлана и останатите патници, кои во паника го држеле за нозете. Неговата сопруга тврди дека членовите на екипажот не направиле ништо додека се бореле за неговиот живот.
„Изгледаа поисплашени од нас. Помогнаа само патниците, беа исклучително храбри“, додаде таа.
Каровиќ претрпел тешки изгореници од триење и модрици на десната рака и градите за време на инцидентот на 10 јули. Сведоците од летот FR1879 од Солун до Меминген велат дека тој висел надвор од авионот во дијагонална положба. Самиот Каровиќ не се сеќава на ништо бидејќи веднаш се онесвестил.
„Сето ова е како кошмар. Не можам да спијам. Штом ги затворам очите, го слушам звукот на експлозијата и во главата ми почнува хаос“, раскажува тој.
Истрага и тужба
По инцидентот и декомпресијата во кабината, пилотот го спуштил авионот на побезбедна висина, а патниците и екипажот ставиле маски за кислород. Откако Каровиќ бил повлечен назад во внатрешноста, бил преместен на друго седиште. Авионот „Боинг 737“ принудно се вратил во Солун, каде што го пречекало возило на итна медицинска помош.
Брачниот пар сега го застапува грчкиот адвокат Василис Цијарас, кој најави дека ќе бара висока финансиска отштета.
„Мојот клиент се врати од работ на смртта и сакаме да се осигураме дека одговорните ќе понесат одговорност. Не станува збор само за пари, туку за утврдување на вистината за тоа што точно се случило и во каква состојба бил авионот“, изјави Цијарас.
Адвокатот исто така изрази сериозни сомнежи за реакцијата на екипажот: „Тие беа парализирани од страв дека авионот ќе се сруши и затоа не направија ништо за да му помогнат на г-дин Каровиќ додека тој висеше надвор од авионот“.
„Рајанер“: Екипажот заврши одлична работа
Инцидентот го истражува Националниот одбор за безбедност во сообраќајот на САД (NTSB), кој веќе направи увид на авионот. Нацрт-извештајот треба да биде објавен за околу четири недели.
Од „Рајанер“ соопштија дека нема да даваат официјални изјави додека трае истрагата. Сепак, Нил Сорахан, финансиски директор на групацијата „Рајанер“, излезе со кратко соопштение:
„Нашиот тим за односи со корисници е во постојан контакт со семејството од самиот инцидент. Екипажот заврши одлична работа и безбедно го врати авионот во Солун. Сите патници, без исклучок, сами се симнаа од авионот. Кабинскиот екипаж и пилотите завршија фантастична работа“, изјави Сорахан, додавајќи дека целосно ја поддржуваат и соработуваат во истрагата на NTSB.
Индекс.хр