Зошто турски авиони надлетуваат грчки острови?
Турски воени авиони го нарушија грчкиот воздушен простор.
Тие се регистрирани денеска, по посетата на министерот за одбрана Панос Каменос на островот Кастелоризо, пишуваат грчките медиуми.
Прелетувањата на височина од 25,000 стапки на два турски Ф16 во грчкиот воздушен простор (ФИР Атина) не биле претходно најавени.
Првото нарушување е регистрирано само неколку минути откако Каменос замина од островот Кастелоризо што се наоѓа во близина на Турција. Кусо по полетувањето на хеликоптерот на Каменос, турски воени авиони влегле во грчкиот воздушен простор и летале многу ниско на 4.000 стапки, токму над Кастелоризо.
Каменос денеска преку неговиот официјален Твитер профил, упати порака дека Грција успешно се справува со турските авиони.
Во Грција се смета дека турските воени авиони се одговор на изјавата на Каменос дека „оној кој нема да ги почитува националниот суверенитет и територијален интегритет на Грција, ќе се урне“.
Алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос во интервју за Првата програма на Грчкото државно радио, во однос на прелетувањата на турските воени авиони, рече дека „провокативните постапки од другата земја не се пример за моќ, туку се пример за изолација, односно знак на слабост“.
