Зошто „Скопски пазар “ дојде на дереџе да заработува колку маалска продавница?
„Скопски пазар“ еден од најголемите малопродажни синџири во земјава дојде во ситуација за половина година да направи профит помал од 10.000 евра, покажуваат официјалните податоци од финансиските полугодишни извештаи кои таа компанија ги објави деновиве на интернет страницата на Македонската берза.
Финансиските расходи ја изедоа оперативната добивка!
Од достапните официјални податоци јасно се гледа дека финансиските расходи на компанијата ја изедоа оперативната добивка за првите шест месеци годинава. Тоа се случува во услови кога приходот од продажба на „Скопски пазар“ драстично паѓа од квартал во квартал од година во година, а неговите обврски остануваат на исто ниво. Логично се поставува прашањето до кога оваа компанија ќе може да ги плаќа каматите на банкарските кредити.
Од анализата на „крвната слика“ односно на финансиските извештаи логично се постапува прашањето зошто некој плаќа до 15.000 денари за акција на „Скопски пазар“?
Од почетокот на годинава приходите од продажба на „Скопски пазар“ изнесуваат 272,3 милиони денари и се за 78 милиони денари пониски во споредба со истиот период лани. Тоа е пад од 22 отсто. Во исто време оперативните расходи на компанијата се намалуваат за 82 милиони денари односно 23 отсто во споредба со истиот период лани. Ова покажува дека менаџментот крати трошоци во рамки на можностите со цел компанијата да остане во позитива. Тоа покажува дека фокусот на менаџментот е на дефанзива, а не на офанзива. Заради тоа што компанијата го намалува, а не го зголемува своето пазарно учество. Во услови на намалување на пазарното учество сите активности се насочен кон рационализација на трошоците. И тоа е во ред, но само додека да дојде на ред ставката за финансиски расходи.
За првите шест месеци за камати, курсни разлики и слични расходи „Скопски пазар“ платил 20,63 милиони денари. Во споредба со лани друи платил и повеќе иако минимално сепак трендот е растечки и тоа за 2 отсто. Финансиските приходи се минорни и изнесуваат 200.000 денари. Така, по калкулирање на данокот нето добивката на „Скопски пазар“ за половина година е 538.000 денари. Тоа значи дека просечно месечно оваа компанија што има зелени пазари низ Скопје и неколку супермаркети има добивка од само 1.500 евра. Добивката е помалку од 0,2 отсто од приходот од продажба.
На другата страна, во билансот на состојба, удира во очи нивото на обврски на „Скопски пазар“ – 1,18 милијарди денари (безмалку 20 милиони евра). Во споредба со лани обврските се помали за само 2 отсто. Тековните обврски пораснале за 12 отсто до ниво од 740,5 милиони денари. А краткорочните обврски и кредити пораснале за 15 пати во однос на истиот период лани до ниво од 86,7 милиони денари. Останатите краткорочни обврски достигнаа 327,3 милиони денари и се повисоки за 39 отсто во однос на истиот период лани. Единствено позитивно позиционирање има кај долгорочните обврски и тука компанијата успеала да намали 105 милиони денари односно 19 отсто и нивото на долгорочни обврски на крај на јуни да го сведе на 440,2 милиони денари.
Р.Ф.