Зошто „Сириецот“ уби само Германци?
Нападот пред Сината џамија во Истанбул имаше две цели: Турција и Германија. Нема како да е случајно, дека само четири дена по започнувањето на разузнавачките летови од германските авиони „Торнадо“ бомбаш-самоубиец се разнесе помеѓу група германски туристи. Турција беше другата цел: затоа што авионите полетуваат од воената база во Инджирлик, а и Турција објави дека повеќе нема да пропушта низ границите нови засилувања за боречки одреди на т.н. „Исламска држава“ во Сирија.
Падне ли снег во Истанбул тогаш ...
Веќе половина година Турција тоне се подлабоко во спиралата на насилството: турската држава им објави војна на курдските бунтовници во југоисточните региони на земјата и стотици илјади луѓе станаа бегалци; во месец октомври „ИД“ изврши напад во Анкара, а ете, сега беше потресен и Истанбул.
Очигледно насилството влегува во нова фаза. Една турска поговорка вели дека „Ако во Истанбул врне снег, тогаш Турција е цела под снег од зимата“. Читај: сè што се случува во Истанбул, се чувствува во целата земја, а и надвор од нејзините граници.
Стабилноста на земјата е загрозена. „Златната деценија“ на економски подем и внатрешен мир очигледно е завршена. Владата на Партијата на правдата и развојот премногу лекомислено и ги обложи на картичка успесите од првите години на своето управување и денес земјата е прогонувана од духовите на минатото. Што е повеќе показател на тоа дека по нападот во Истанбул властите не се сигурни дали нападот е дело на „ИД“ или на курдските сепаратисти? И двете организации имаат мотив да извршат такво нешто. „ПКК“ пример неодамна најави дека како одговор на бруталната акција на турската армија во курдските области на земјата планира да направи војна во големите турски градови. Тврдењата дека турската држава води војна против „ПКК“, а не против Курдите, е чист примерок на пропаганда. Бидејќи како поинаку да си ги објасниме масовните апсења на илјадници курдски политичари?
Можно е „Сириецот“, кој според податоците на турската влада го извршил вчерашниот напад во Истанбул, да дејствувал во име на т.н. „Исламска држава“. Во корист на оваа верзија зборуваат следните два факти: нападот беше насочен против „неверниците“, а неговиот стил не носи ракопис на курдските бунтовници.
Обично случувањата во Турција има одраз и во Европа. Неодговорна е политиката на турските власти во однос на Курдите да создава нови бегалски текови. И ако Турција ги прошири ударите против клетки на „ИД“ во земјата, што одамна требаше да се случи, цената за тоа исто така ќе биде висока: нападите ќе зачестат, а џихадистите ќе побегнат и во други земји.
Дестабилизацијата ќе продолжи?
Ситуацијата во Турција може да се смири само ако биде обновен мировниот процес со „ПКК“. Ова е начинот за постигнување на внатрешен мир. Ако потоа турската влада го остави зад себе авторитарното однесување, знак за што е на пример забраната медиумите да пишуваат за атентатот, дури тогаш земјата има шанса да се врати на патот на демократскиот развој. Освен тоа борбата против „ИД“ ќе се води полесно, ако Турција се прости со потрага по секоја цена да ги ослабне курдските бунтовници.
Инаку дестабилизација на Турција ќе продолжи. А теророт во турските градови и војната против Курдите ќе продолжат да стојат како воденички камења на нејзиниот врат.
Рајнер Херман
Извор: www.faz.net
