Зошто Руси и Кинези „грабаат“ имоти во Грција?
Грција бележи огромен раст на приходи од странски инвеститори кои купуваат недвижности, а најголем дел од нив доаѓаат од Русија и Кина. Голем број на кинески инвеститори купуваат имоти и згради пред се во Атина, а во третиот квартал од годинава се бележи раст од 159% во однос на истиот период лани. Речиси половина од странските инвеститори во имоти во Грција се кинески бизнисмени и групации, една петтина се од Русија, додека пак на третото место според вложувањата се Турците.

Главна причина поради која недвижниот пазар во Грција бележи ваков „бум“ е тоа што на сите инвеститори од странство им се даваат „златни“ визи, односно со вложените пари имаат можност да се стекнат со пасош со кој потоа може слободно да патуваат низ земјите од Европската Унија и да водат бизниси.
Грчкиот пазар исто така е атрактивен бидејќи долг период земјата беше во фискална неизвесност со отплатата на надворешниот долг кон странските кредитори, но откако се постигна договор кој ја стабилизираше еврозоната се врати и довербата кај инвеститорите.
Трета главна причина поради која Русите и Кинезите се грабаат за имоти е тоа што недвижностите во Грција и натаму имаат доста ниски цени споредени со слични земји на југот како Шпанија и Португалија каде дојде до враќање на вредноста пред финансиската должничка криза од 2008 година.

Исто така странските инвеститори купуваат згради и имоти кои се под хипотека, односно по многу ниски цени се нудат на електронски аукции од страна на грчките комерцијални банки кои сакаат да ја зголемат ликвидноста и да се ослободат од недвижностите кои не им помагаат премногу во активата.
Се предвидува и дека цените за изнајмување на имот во Атина и други грчки градови ќе се зголемува, особено за краткотраен престој со оглед на враќањето на довербата во грчкиот туризам кој не зависи само од летната сезона покрај егејското крајбрежје и островите.
