„Зошто Рама да не го посети Прешево?“
Албанскиот министер за надворешни работи Дитмир Бушати не гледа ништо лошо во плановите на премиерот Еди Рама да го посети Прешево за време на неговата посета на Србија и таму да одржи средби со граѓаните.
Бушати нагласува дека тоа е нормална европска пракса и дека претходниците на Рама досега го посетувале овој регион. „Навистина се прашувам зошто ова прашање се поставува и зошто тоа привлекува толкаво внимание. Ништо нема да се случи! Ние сме европска земја, која е членка на НАТО и кандидат за членство во ЕУ“, рекол шефот на албанската дипломатија.
Сепак тој нагласил дека нема да има уцени и условувања и дека програмата за посета на албанскиот премиер во Белград ќе се договара заедно со српските власти.
„Сакам да ја информирам јавноста во Србија дека се ќе биде договорено во согласност со принципите на меѓусебно почитување и најдобрата пракса“, рече Бушати.
Рама треба да го посети Белград на 10 ноември, откако претходно посетата беше одложена заради инцидентот на фудбалскиот натпревар Србија-Албанија. Српските медиуми вчера објавија дека тој веќе си испратил подготвена програма до српските власти, надвор од вообичаената дипломатска пракса, во која освен посета на Прешево, бара симболично да му бидат предадени клучевите на Белград.
Слично
