Зошто производителите на луксузни автомобили градат облакодери токму сега?
Бугати е синоним за супер автомобили. Сега овој луксузен француски бренд влегува во многу поинаква трка - не на патеката, туку на хоризонтот. Во срцето на Дубаи, Бугати ја гради својата прва станбена кула.
Со цена од 5,2 милиони долари за најевтините станови, компанијата се вклучува во брзорастечкиот пазар за супербогати - брендирани живеалишта во светот.
Сè поголем број компании, вклучувајќи ги производителите Порше и Астон Мартин , градат и нудат луксузни станови, каде што името или логото на компанијата често се истакнуваат на видно место.
Други компании што влегле во секторот се швајцарската часовничарска фирма „Џејкоб и Ко“ и италијанските модни куќи „Фенди“ и „Мисони“.
Искуство со брендот
„За многу љубители на автомобили или часовници, не станува збор само за поседување возило или часовник, туку за доживување на брендот во секојдневниот живот преку недвижности“, изјави за Би-Би-Си Мухамед Бингати, претседател на „Бингати Пропертис“ .
На листата на купувачи за проектот „Бугати“ се наоѓаат бразилската фудбалска ѕвезда Нејмар Џуниор и оперскиот пејач Андреа Бочели. Нејмар наводно платил 54 милиони долари за еден од пентхаусите.
Глобалната побарувачка за брендирани живеалишта се забрза во последните две години, според извештајот на агенцијата за недвижности „Најт Френк“.
Додека во 2011 година имало 169 вакви проекти, денес има 611, а се предвидува дека овој број ќе се зголеми на 1.019 до 2030 година.
Моментално, САД имаат најголем број на брендирани станбени згради - во Мајами и Њујорк. Блискиот Исток, на второ место, забележа најголем раст.
Ова, според Најт Френк, било „главно поттикнато од брзата експанзија на Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија“.
„Брендираните резиденции се најпривлечни за поединци со екстремна лојалност кон брендот. Луѓе кои сакаат да живеат и да дишат за одреден бренд“, вели Фаисал Дурани, раководител на истражувањето во Најт Франк.
Експанзија на Блискиот Исток
На градско ниво, Дубаи во ОАЕ сега е лидер по бројот на брендирани станбени проекти во развој.
Ова е поттикнато од континуираниот голем број богати луѓе кои се преселуваат во градот и купуваат луксузни домови.
До неодамна, во брендираните резиденции доминираа хотелски синџири како што се „Фор Сизонс“ и „Риц-Карлтон“, но луксузните брендови, освен хотелите, сега заземаат сè поголем дел од новите случувања.
Дизајн кулата на „Порше“ во Мајами беше отворена во 2017 година. „Резиденсис Мајами“ на „Астон Мартин“ беше лансирана минатата година, а проектот на „Јакоб и Ко“ на островот Ал Марџан во ОАЕ треба да биде завршен во 2027 година.
За ваквите компании, недвижностите нудат нов приход со релативно низок ризик. Партнерите за развој на недвижности се грижат за изградбата, а купувачите плаќаат премија за естетиката и ексклузивноста поврзани со брендот.
Кич или уникатност?
Брендираните станови обично се помеѓу 30 и 40 проценти поскапи од луксузните домови без бренд.
Сепак, бизнис психологот Стјуарт Даф од британската фирма Пирн Кандола предупредува дека идејата за брендирани станови им изгледа непријатна на многумина, особено ако името на брендот е претерано истакнато.
„Имањето бренд насекаде во станбена зграда може да ја намали перцепцијата за реткост и уникатност и да доведе до чувство на фалење. Во најлош случај, може да се смета за вулгарно и кич.“
Бонитет