Зошто профитот на „Витаминка“ падна за 57 отсто?
Прилепската прехранбена компанија „Витаминка“ книжи пад на профитот за 57 отсто за првите девет месеци во споредба со истиот период лани. Во споредба со истиот период лани сега добивката е за 50,9 милиони денари пониска и изнесува 37,7 милиони денари. Што се случува на една од најдобрите македонски прехранбени компании?
Анализата на достапните податоци покажува дека клучни генератори на намалената добивка се зголемените трошоци на компанијата и тоа по два основи. Прво, тоа се трошоците за суровини и материјали кои бележат раст за 11 отсто односно за 72 милиони денари и изнесуваат 724,5 милиони денари. Оваа ставка е најголема во структурата на расходи, а следствено на тоа и растот на овој трошок во апсолутен износ е најголем во однос на сите други.
За овој раст и може да се даде логично објаснување дека пораснале цените на суровини или дека компанијата набавувала повеќе затоа што очекува во иднина да има раст на производството. Сепак има уште еден индикатор кој отвора дилема, а тоа е споредбата на трошоците за суровини и материјали за првите шест месеци и трошокот за истата ставка за периодот јули-септември. За половина година тие трошоци се 469 милиони денари, а за периодот јули-септември пораснале за 255,5 милиони денари. Тие трошоци бележат мал раст во однос на просекот по квартал за првите две тромесечја оваа година.
Во суштина многу позначаен е растот на ставката останати трошоци. Таа за првите девет месеци годинава бележи раст за 163 отсто! Износот е 58 милиони денари и пораснале за 36 милиони денари во сппредба со истиот период лани кога изнесувале 22 милиони денари. Оваа ставка, без дополнителни објаснувања кои ги нема, отвара прашање за тоа зошто е зголемен трошокот по овој основ. Идните биланси ќе покажат дали менаџментот на „Витаминка“ донел вистински одлуки... Времето ќе покаже.
Останатите трошоци за првите шест месеци годинава биле 39,7 милиони денари и во последниот квартал се зголемени за 18,3 милиони денари што не отстапува од просекот за претходните два квартали.
Вкупно оперативните трошоци на „Витаминка“ за првите девет месеци годинава изнесуваат 1,194 милијарди денари и се повисоки за 6 отсто односно за 64 милиони денари во однос на лани. Наспроти нив приходите од продажба изнесуваат 1,227 милијарди денари и се повисоки за 44,8 милиони денари односно за 4 отсто во однос на истиот период лани. Оваа споредба покажува дека работењето на „Витаминка“ поскапело за речиси 20 милиони денари затоа што за толку повеќе се поголеми трошоците од приходите од продажба.
Кај структурата на приходи е интересно и тоа што на домашниот пазар „Витаминка“ има раст од само 1 отсто во однос на лани односно 5,3 милиони денари, а продажбите изнесуваат 686,2 милиони денари. Во странство продажбите пораснале за 39,6 милиони денари односно за 8 отсто во однос на лани и достигнале 540,9 милиони денари.
