Економија, финансии, бизнис

Контакт

Зошто пелагонискиот регион подолго време има најмногу слободни работни места?

Зошто пелагонискиот регион подолго време има најмногу слободни работни места?

Пелагонискиот регион има највисока стапка на слободни работни места повеќе квартали наназад. 

Тоа се  3.15 % во првото тримесечје од 2018 година  или  2.35% во последниот квартал лани, може да се забележи од податоците на Државниот завод за статистика. 

Во бројки ако во овој регион во првиот квартал годинава имало  44 702 пополнети работни места, бројот на слободни работни места бил 1 453. Еден квартал претходно тоа биле 48 169  пополнети места и 1 157 слободни работни места. 

Дилемата е дали нема работници, можеби иселувањето си го зема данокот, или едноставно луѓето не сакаат да работат било што. 

На другата страна на скалата е североистокот каде во првиот квартал од 2018 година имало само 191 слободно работно место. 

Зоран Попчески, управител на Агенцијата за привремени вработувања Зета од Битола вели дека повеќе фактори влијаат на оваа состојба кога е во прашање пелагониско. 

„Битола има околу 5000 активни баратели  на работа, но зависи колку од тие луѓе реално бараат работа. Во „Кромберг и Шуберт“ се вработија многу луѓе, и таму има потреба од вработувања постојано. Оние кои сакаат да работат пронаѓаат работа, но нема работници за физичка работа, сезонска работа во земјоделството, за занаетчиски работи исто, заварувачи, нема стручна работна сила, а се бара. Тоа е она што јас можам да го кажам, а за повеќе детали треба да се направат поопсежни анализи“- вели тој. 

Само во вториот квартал лани има отстапување, и наместо пелагонискиот,  југозападниот регион имал најголема стапка на работни места. 

Според последните податоци, на ниво на држава,  стапката на слободни 
работни места изнесува 1.68 %. Највисока стапка на слободни работни места има секторот Л - Административни и помошни услужни дејности –  4.25%, додека најмала е стапката во секторот Љ - Јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување,  каде што изнесува 0.20 %.Деловните субјекти со број на вработени од 3 до 9 имаат највисока стапка на слободни работни места која изнесува 1.91 %.

Најголем број слободни работни места, односно 2 929, има во петтата група занимања – Работници во услужни  дејности и продажба.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести