Зошто печалбарите од Авганистан купуваат имоти во странство?
Кумановските печалбари кои долги години се во Авганистан, купуваат имоти надвор од државата.
Ова го потврдуваат од агенциите за недвижности во градот. Велат дека откако го решија станбеното прашање, печалбарите сакаат имот на местa погодни за одмор и релаксација. Купуваат имоти во Грција, Турција, Албанија.
„Кумановци долги години се во Ирак и Авганистан, и потребите за стан овде ги задоволија. Сега купуваат во други земји, места кои се атрактивни за одмор. Гледаат што им одговара на џеб, го испитуваат теренот, дали можат да купат како странски државјани, дали ќе добијат имотен лист, и откако ќе ги имаат сите потребни информации, одат таму и купуваат директно или преку тамошните агенции“, велат од Експерт Плус.
Наведуваат дека во одредени земји луѓето кои ќе инвестираат и имаат капитал, на тој начин можат да добијат државјанство, што исто така е поволна опција.
Сепак, има и печалбари кои размислувале за купување имот надвор од Македонија, но планот засега не го реалирале.
„Јас бев во Авганистан, но имот надвор од државата немам. Размислував за Хрватска, поради морето нормално. Србија нема море, Црногорците се малку специфични, а Хрватска е во ЕУ. Шанси да купам имот има, но уште ништо не сум одлучила. Една година бев во Авганистан. Една година не е доволна за да се купи имот надвор од државата, но јас и сопругот работевме и во други земји во странство. Кога ќе се собере заработката од целата работа, тогаш може да се купи имот надвор од државата“, вели кумановка.
Oваа жена додава дека во Македонија имот би купила само во Охрид, поради езерото и убавините кои овој град ги има.
Вели Охрид е преубав, а за друга локација во земјава, не размислувала, и не би вложила во недвижен имот.
Сања Атанасовска