Економија, финансии, бизнис

Контакт

Зошто обврските на „Гранит“ пораснаа за 27,7 милиони евра?

Зошто обврските на „Гранит“ пораснаа за 27,7 милиони евра?
Тековните обврски пораснаа за 27,7 милиони евра, приходот од продажба и оперативните расходи растат изедначено, оперативната добивка паѓа во споредба со лани, а нето добивката ја „вадат“ финансиските приходи.

Најголемата македонска градежна компанија во првите шест месеци годинава бележи раст на обврските за 27,7 милиони евра односно за повеќе од 1,7 милијарди денари, покажуваат официјалните податоци на таа компанија од неконсолидираниот биланс на состојба објавен деновиве. Во образложението кон финансиските извештаи менаџментот на компанијата не даде ниту збор објаснување за драматичниот раст на обврските на компанијата.

Драматичен раст на две ставки

Прво, најголем раст има кај обврските што компанијата ги има спрема своите добавувачи и останати обврски. Долгот кон нив на крајот на јуни изнесува 2,82 милијарди денари ( повеќе од 45,7 милиони евра) и во споредба со лани овој износ бележи раст за 120 отсто односно 1,54 милијарди денари. Тоа значи дека меѓу  двата периоди за известување долгот на компанијата кон добавувачите пораснал за 25 милиони евра! Заради тоа што во образложението на менаџментот нема никакви објаснувања ниту податоци, за сега сите можни причини за нараснатиот долг се во сферата на нагаѓања и шпекулации. Како и да е веста воопшто не е пријатна за инвеститорите на берзата особено заради фактот што менаџментот на компанијата не најде за сходно макар во две реченици да објасни за оваа тектонска промена во билансот на состојба. 

Второ, значаен раст на расход има и кај ставката (ПВР) односно одложено плаќање на трошоци и приходи на идни периоди. Тука состојбата на крајот на јуни е 1,45 милијарди денари обврски и тие во споредба со претходниот извештаен период се повисоки за 62 отсто или 559 милиони денари. Единствено значајно намалување на обврски има кај ставката останати краткорочни обврски каде намалувањето е за 16 отсто односно за 361 милиони денари.

Кај долгорочните обврски состојбата на крајот на јуни годинава е речиси идентична како и состојбата од претходниот период.

Важно да се истакне е дека „Гранит“ има голем раст на побарувањата одкупувачи и тоа за 376 милиони денари, а особено е голем износот и растот на останатите побарувања ставка што бележи зголемување над 500 милиони денари. Вкупно кај двете ставки побарувањата на „Гранит“ се поголеми за околу 880 милиони. Тековните средства на „Гранит“ на крајот на вториот квартал годинава се поголеми за 1,73 милијарди денари во однос на истиот период лани.

Приходите и расходите растат рака под рака

Од билансот на успех се гледа значаен раст на приходите од продажба, кој е речиси идентично следен со раст на оперативните расходи.. Приходите од продажба на 30 јуни годинава се на ниво од 1,96 милијарди денари и тоа е раст за 25 отсто во споредба со лани односно износот е зголемен за 389 милиони денари во споредба со претходниот извештаен период. На домашниот пазар растот на приходите е експлозивен и бележи зголемување од 28 отсто односно 411 милиони денари повеќе. На крајот на јуни домашниот пазар носи 1,9 милијарди денари на „Гранит“ тоа е 97 отсто од сите приходи.

На страната на расходите значајна за истакнување е ставката „услуги со карактер на материјални трошоци“ која во првото полугодие пораснала за 307,4 милиони денари до износ од 874,3 милиони денари.

Оперативната добивка помала од лани, но финансиските приходи покриваат!

Оперативната добивка на „Гранит“ (неконсолидиран извештај) е 34,9 милиони денари и таа бележи пад од 13 отсто од споредба со лани. Оперативната добивка е 1,7 отсто од приходот од продажба на „Гранит“! Финансиските приходи на компанијата се главниот двигател на добивката. Тие изнесуваат 68,9 милиони денари и се за 38 отсто поголеми во споредба со лани. Важно е да се истакне дека годинава нив ги засилува и оделот во добивка на придружени друштва со 11,1 милиони денари.

Така благодарејќи на финансиските приходи „Гранит“ на крај на првото полугодие годинава книжи добивка од 93,4 милиони денари што е за 14 отсто подобар резултат од истиот период лани. 

Р.Ф.

Слично

Поврзани вести