Зошто НЛБ банка ja продава златната кокошка?
Овој фонд станува вистински џин на македонскиот пазар на капитал затоа што
во домашни државни обврзници чува речиси 205 милиони евра, а во депозити во
домашните банки има 43 милиони евра. Навистина е нејасно зошто НЛБ реши да
продава растечки бизнис?
Отворениот задолжителен пензиски фонд НЛБ Пензиски фонд располага со 22,37 милијарди денари (362,6 милиони евра) на крајот на 2016 година, покажуваат официјалните податоци што ги објави фондот. Вредноста на сметководствената единица на овој фонд од крајот на 2009 година до крајот на 2016 година пораснала за 50 отсто односно од 120 денари на крајот на 2009 година стигнала до 180 денари на крајот на 2016 година.
Колку вреди задолжителниот пензиски фонд на крајот на 2016 година?
Вкупно фондот вреди 362,6 милиони евра. Најголема збирна ставка се државните обврзници што ги емитува Република Македонија преку Министерството за финансии. Најмногу средства фондот има во континуираната петгодишна државна обврзница со девизна клаузула и тоа 5,1 милијарди денари. Во континуираната 15 годишна обвзница чува 3,92 милијарди денари, во уште три континуирани обврзници без девизна клаузула чува уште околу 3 милијарди денари, а во обврзницата за денационализација со девизна клаузула има 0,6 милијарди денари. Вкупно во домашни државни обврзници има 12,63 милијарди денари што е 56,5 отсто од имотот со кој што управува.
Втора по вредност ставка се депозитите во банки. На крај на 2016 година вкупно во депозити има 2,65 милијарди денари од кои најмногу има во Стопанска банка Скопје и тоа 613,3 милиони денари (околу 10 милиони евра). Приблични депозити има во ТТК Банка, Силк Роуд банка, Охридска банка и во Стопанска банка Битола и тоа во износ од 320 милиони денари до 370 милиони денари. Во сите останати банки има вкупно 701 милиони денари.
Во македонски акции фондот чува 886,3 милиони денари односно 14,4 милиони евра. Најголем дел од парите се вложени во „Алкалоид“ и тоа е 250 милиони денари (нешто над 4 милиони евра). Останатите 10 милиони евра се распределени во други дивидендни акции. Познато е дека овој фонд е голем поединечен акционер во „Македонијатурист“ најголемата домашна хотелиерска компанија. Таму поседува 8,7 отсто од акциите со право ба глас. Тоа е се околу 39.200 акции со право на глас.
Во домашни финансиски инструменти фондот има вкупно 16,5 милијарди денари што е 73,7 отсто од парите.
Во странски хартии од вредност фоднот чува 5,83 милијарди денари. Половина од тие се во акции и удели на странски инвестициски фондови.
Од горенаведено повеќе од јасно е дека се поставува дилема зошто словенечката НЛБ ДД и македонската аквизиција НЛБ банка Скопје одлучиле да го продадат друштвото што управува во фондот што вреди 362 милиони евра и со помалиот доброволен пензиски фонд кој вреди околу 8 милиони евра. „Фактор“ минатата седмица побара одговор од НЛБ Скопје и одговорот што го доби може да го прочитате на следниов линк http://faktor.mk/zoshto-nlb-dd-ljubljana-i-nlb-banka-skopje-prodavaat-firma-shto-upravuva-so-penziski-biznis-vreden-nad-370-milioni-evra
