Зошто на Трамп му е неопходен мир во Украина? За доларот се работи!
Глобалната трговија е пред огромен предизвик и под голем притисок. Светот предводен од САД се соочува со потребата брзо и ефикасно да се врати довербата во доларот како број еден светска валута за меѓународна трговија. Веќе и големите светски економски лидери се свесни дека во овој момент сите се во голема неизвесност ако де-доларизацијата продложи да се продлабочува. Една од рефлексиите на овој проблем се и најавите на Трамп за царини и тарифи. А дека има проблем со де-доларизацијата покажува и интензивниот и континуиран раст на побарувачката за физичко злато на светските пазари. А за да се врати довербата во доларот неопходно е земјите на БРИКС да се вратат на режимот во кој доларот е валута за меѓународна трговија. Но за да се случи тоа е неопходно Русија да излезе од изолација и да почне повторно да продава енергенси во долари. Прв чекор во тој процес на градење доверба е војната во Украина да заврши и тоа што поскоро, а не е исклучено тоа да се случи и под услови што ги диктира Русија...
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп е исправен пред најголемиот предизвик во неговата политичка кариера. За доларот се работи. Трамп нема време и мора да работи успешно и брзо, но и хируршки прецизно за да ја врати вербата на светот во доларот – американската национална валута и најважната светска резервна валута. Трамп нема ниту време ниту простор за грешка.
А за да се постигне таа цел прва мерка е мир во Украина и тоа во најбрзо можно време. Мирот во Украина ќе значи запирање на трендот на недоверба меѓу САД од една страна и државите членки на економскиот блок БРИКС од друга страна.
На Трамп сега, за запирање на проблеми на американската економија, му е приоритетна само една работа. Враќање на доларот како најважна светска трговска валута. Прв и најсилен индикатор за тоа дека е нарушена довербата во доларот како главна светска трговска валута е големата побарувачка за физичко злато на светските пазари одреден период наназад. А физичкото злато е најстаро и најцврсто средство за трговска размена. И со највисока конвертабилност. Интензивната и континуирана побарувачка на физичко злато во светски рамки укажува на високо ниво на неизвесност кај тие што добро ги познаваат па дури и ги создаваат глобалните економски текови.
Затоа на Трамп, а и на другите светски лидери па и на мултинационалните корпорации им е неопходно да се врати довербата во доларот како светска трговска валута.
А за се почне тој процес неопходен е стартот преку запирање на војната во Украина. Така ќе започне и неопходното затоплување на односите со најсилните земји членки на БРИКС. За да стигне до тоа на Трамп му е неопходна му е директна соработка со Русија.
За да почнат работите да се враќаат во нормала неопходно е војната во Украина да престане, да се симнат поголем дел од економските санкции наметнати од САД врз Русија. И секако излез на руските енергенси (нафтата и природниот гас) на светските пазари. Од тоа ќе има два бенефити.
Првиот бенефит е за сите земји кои се увозно зависни од енергенсите затоа што ќе ги стабилизираат глобалните цени на нафтата и нафтените деривати. Анулирањето на тој ризик во одредена мерка ќе ги смени односно намали и цените на вложувањата глобално. А тоа е важен импулс за глобалната економија.
Втората работа што сега е многу важна за САД е повторно доларот да го зазвеме место на пиедесталот она што го држи неприкосновено подолго од 50 години. Да биде број еден светска валута за меѓународна трговија на глобално ниво.
Кога се во игра вакви влогови мирот во Украина, макар и под руски услови се наметнува како неопходен услов. Затоа што БРИКС е најголема светска производствена и трговска групација,а Русија има големо влијание врз дел од другите земји членки во таа економска групација која станува се повлијателна на светско ниво.
И зошто на Трамп му е неопходен силен долар? Ако доларот повторно стане неприкосновена светска трговска валута многу побезболно Трамп ќе ја врати довербата кај кредиторите на САД. А САД должи на неговите кредитори над 30.000 милијарди долари.
А што ќе биде со политичарите во Европската унија односно најголемиот дел од нив? Тие ќе мора да ја прифатат новата светска реалност и распоред на силите. Затоа што факт е дека беа на страната што ја изгуби војната во Украина.
Н.С.
