Економија, финансии, бизнис

Контакт

Зошто на Македонија ѝ е потребна енергетска ефикасност?

Зошто на Македонија ѝ е потребна енергетска ефикасност?
Енергетската ефикасност во Македонија, сегашност или иднина е дилемата за која одговор побаравме од Жанина Стаменкова, магистер по градежништво, со Магистерски труд од областа на енергетската ефикасност и управител на „ДЕЛТА ПРОЕКТ “ , компанија која се занимава со надзор, ревизии и енергетска ефикасност во областа на градежништвото. ФАКТОР: Што е тоа енергетска ефикасност и на кои области од човековиот живот е најприменлива? Ж.Стаменкова: Енергетска ефикасност е поим под кој се подразбира намалување на потребите за енергија без нарушување на комфорот на живеење или работа, без попречување на економскиот и општествениот развој, но и без нарушување на животната средина. Накратко: енергетска ефикасност е намалување на потребите и трошоците за енергија без негативни последици и се однесува на секоја област од живеењето. Енергетската ефикасност, како современ светски тренд, е применлива во многу области: во активностите и потребите на градежните објекти, во транспортот, во комерцијалниот сектор и во индустријата. Придобивките од нејзината примена се подеднакво значајни и за јавниот и за приватниот сектор, за секое домаќинство, компанија и институција, но  гледано во поширок контекст, и за секоја држава како целина, а од аспект на намалување на загадувањето и зачувување на необновливите извори на енергија и за целата планета. ФАКТОР: Каква е поврзаноста на обновливите извори на енергија и енергетската ефикасност? 2Користењето на обновливите извори на енергија: сонцето, водата, ветерот, гео-енергијата, плимата, брановите, дрвото (кое е обновлив извор само ако се заменува секое исечено дрво со ново)  и т.н. е неминовно од аспект на се поголемите потреби на потрошувачкото општество од една страна и ограничените енергетски необновливи ресурсии: нафта, гас и руди од друга страна, така да е предуслов за опстанокот на светот,  оваков како што е во моментов. Но, користењето на обновливите извори на енергија е сеуште скапо и за да може да се применува потребно е да се намалат потребите за енергија, а тоа е можно со енергетски ефикасни објекти и процеси. ФАКТОР: Вашата фирма е од областа на градежништвото, па како да се добијат енергетски ефикасни објекти? Ж.Стаменкова: Да, нашата компанија делува во областа на градежништвото, правиме надзор над изградба на објекти за што имаме Лиценца А, изготвуваме и ревизии на проекти со Лиценца Б, но нудиме и консултантски услуги и менаџирање на проекти, особено за странски инвеститори за што многу ни помага искуството надвор од Македонија. Но, се поинтензивно се развиваме во секторот на енергетската ефикасност имајќи Лиценца за енергетска контрола и четворица овластени енергетски контролори. Во контекст на Вашето прашање, енергетски ефикасни објекти може да се добијат на повеќе начини што зависи од типот и намената на објектот, од тоа дали станува збор за постоечки или нов објект, од финансиската моќ на клиентот и од неговите специфични барања и потреби. Според Првиот национален план за енергетика на Република Македонија, 34% од финалната енергија е за индустријата, а 29% е за домаќинствата од кои, според Стратегијата за развој на енергетика на Република Македонија,  57% е енергија за греење. Фокусот треба да ни е насоче на намалување на енергијата за греење што може да се постигне со превземање на градежни мерки за добро изолирање на објектите и применување на поефикасни системи за греење од кои особено големо позитивно влијание имаат топлинските пумпи. ФАКТОР: Како се донесува одлука кои мерки за енергетска ефикасност да се применат кај постоечки објекти? 1 (3)Ж.Стаменкова: За постоечки објекти, од страна на лиценцирана фирма, се прави Енергетска контрола со која се анализира објектот во смисол на утврдување на термичките карактеристики на градежните конструкции на надворешната обвивка на објектот (прозорци, ѕидови, плафони), се анализира состојбата на системите  за греење, евентуално ладење и вентилација, и се прави анализа на трошоците и потрошувачката на енергија по потрошувачи и типови на енергија (греење, ладење, осветлување, санитарна топла вода, вентилација, опрема). Како резултат на овие анализи се изготвува Извештај за енергетска контрола во кој се дадени  и мерки за подобрување на енергетската ефикасност, класифицирани според економската исплатливост или и по некој друг приоритет како што може да биде комфорот. Врз  основа на овој Извештај од енергетска контрола Инвеститорот / Клиентот може лесно да донесе одлука за тоа кои мерки на енергетска ефикасност ќе ги примени на својот објект и со која динамика. ФАКТОР: Кој би бил Вашиот совет? Ж.Стаменкова: Најдобро е најпрво да се применат градежните мерки: изолација на плафони и ѕидови, замена на прозорци, евентуални изолација и на подови, ако е технички и економски оправдана, па потоа да се оди кон замена на системот за греење бидејќи на овој начин се намалува  инсталираната моќност на системите, заради намалените потреби на енергија на греење, а со тоа се намалува и инвестицијата. Но, може да се направи и оптимизација па да се изолира најкритичниот дел на конструкцијата, а да се постави високо енергетски ефикасен систем за греење, на пример топлински пумпи со висок COP, како што се системите на DAIKIN или еднакво вредни, и веќе во првата грејна сезона да се почуствуваат бенефитите и во финансиски смисол и во смисол на комфор. Или, да е појасно, два потполно исти објекти, изолирани на ист начин, со иста потребна енергија за греење, можат да имаат различна финална енергија за греење, а со тоа и различни класи во Енергетскиот сертификат. Објектот во кој е инвестирано во поефикасен систем на греење (на пр.: топлинска пумпа со висок COP) ќе има и повисока енергетска класа (на пр.: А или А+) и ќе биде поконкурентен на пазарот за продавање или издавање, а и поудобен за живеење. ФАКТОР: Каква е постапката  кај новите објекти, за да бидат енергетски ефикасни? Ж.Стаменкова:Кај новите објекти примената на енергетската ефикасност е поедноставна бидејќи за неа се води сметка уште во фаза на проектирање со правење на Елаборат за енергетска ефикасност или барем Елаборат за градежна физика со кој се даваат решенија на конструктивните детали и термо-техничките системи за да се задоволат минималните барања од законската регулатива за енергетски ефикасен објект. ФАКТОР: Кои се вашите искуства до сега како фирма лиценцирана за енергетска контрола? Ж.Стаменкова: Ние како фирма и поединци во изминатиот период стекнавмесолидно искуство во издавање на посочените документи. Го издадовме првиот Енергетски сертификат во Република Македонија, на компанијата АДОРА. adora sertifikat Ги направивме и првите детални енергетски контроли во републикава, за четири основни училишта, во рамките на проектот IRECo, финансиран од европски фонд. Направивме доволно потврди, елборати, контроли  и сертификати, за различни типови на објекти, за да заклучиме дека освен тоа што клиентите треба да вложат во мерките за енергетска ефикасност, туку и лиценцираните компании треба да имаат доволни знаење да ги прикажат инвестициите во своите пресметки. Многу инвестиравме во доедукација, ги софистициравме пресметките со знаењата од европските стандарди и законска регулатива, кои допрва треба да се имплементираат во нашето законодавство,  и добиваме теоретски резултати кои се совпаѓаат со реалната потрошувачка во објектите. Одиме и чекор понатаму и нудиме имплементација и интерен аудит за стандардот МКС EN ISO 50001, за што имаме и сертификат, кој се однесува на енергетски менаџмент и преку кој клиентите ќе се научат да управуваат со енергијата и на тој начин ќе обезбедат трајни заштеди во своите објекти. ФАКТОР: Кои се барањата кои ги поставува законската регулатива за да ја стимулира енергетската ефикасност? Ж.Стаменкова: Во моментов законската регулатива се применува само за новите објекти кои мораат да имаат Потврда за усогласеност од областа на енергетската ефикасност за да добијат Дозвола за градење и Сертификат за енергетски карактеристики на згради за да добијат Употребна дозвола. Со новите законски измени се изземени постоечките објекти и за нивно продавање или издавање не се бараат Сертификати за енергетска ефикасност, а обврските на Националниот план и Стратегијата за енергетика се одложуваат до влегувањето на Република Македонија во Европската Унија. Но, енергетската ефикасност е неодминлив процес чии придобивки се факти, мерливи преку заштедите на енергија и намалувањето на трошоците, така да многу брзо по инвестирањето во неа, независно дали станува збор за домаќинство или компанија,  се чувствуваат благодетите и по буџетот, но и по комфорот на живеење и работење така да луѓето се свесни за ова и вложувањата во оваа област се веќе сегашност.  
Слично

Поврзани вести