Економија, финансии, бизнис

Контакт

Зошто младите си заминуваат од Македонија?

Зошто младите си заминуваат од Македонија?

Младите воопшто не се задоволни од условите што им ги нудат општините во кои живеат.

Дури 63,4% од вкупниот број испитаници не се задоволни од вработувањето, здравството, образованието, инфраструктурата, животната средина и друго. Најнезадоволни се младите од Пелагонискиот регион - 51,7% и оние од Североисточниот регион - 40,4%.

Ова се резултатите до кои дојде НВО Инфоцентарот во партнерство со Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО), Осми Септември и Центарот за развој на медиуми, кои направија анкета во периодот ноември 2015 – јануари 2016 година.

Оваа анкета има за цел да ги истражи мислењата и ставовите на младите луѓе за две теми: планирање на семејството и миграциите. Со анкетата се опфатени вкупно 503 испитаници на возраст од 20 до 35 години, во сите плански региони.

Сликата за незадоволството на младите луѓе станува уште подраматична со прашањето за тоа какви се условите за вработување во општината во која живеат. Дури 83,3% од испитаниците оценуваат дека условите за вработување се лоши. Младите од Североисточниот регион се најнезадоволни 94,8%, а потоа следат оние од Пелагонискиот (91,8 %) и од Вардарскиот регион (91,2 %). Исто така, голем е бројот на младите луѓе кои сметаат дека работните услови за вработените во нивните општини се лоши - дури 77%.

Најнезадоволни се младите од Североисточниот (89,7%), од Вардарскиот (88,5%) и од Пелагонискиот регион (81,4%).

На прашањето дали би се иселиле надвор од Македонија, исклучително високи 83,7% од испитаниците се изјасниле позитивно. Две третини од нив – 52,4% би се иселиле во некоја од заподноевропските држави, речиси 12% во САД и Канада, а во некоја од скандинавските држави би се иселиле 10,3% од испитаниците. Погледнато според региони, 70% од испитаниците во Североисточниот регион кои би се иселиле надвор од државата, би сакале да заминат во западна Европа. Мапата на најпосакуваните земја за иселување е најшаренолика кај младите од Пелагонискиот регион – за 17,7% „ветената земја“ се САД и Канада, потоа следуваат Скандинавија (15,5%) и Австралија и Нов Зеланд (12,7%).

Слично

Поврзани вести