Зошто мал број македонски работници работат од дома?
Податоците на Евростат покажуваат дека во Македонија мал процент од работниците работат од дома. Само 1.9 отсто од луѓето кај нас работат на ваков начин.
Македонија се најде во трите земји со најмал број на вработени кои работат од дома заедно со Романија и Бугарија. Во многу европски држави над 15 или дури и 20 отсто од работниците ги обавуваат обврските од дома. Во Финска, земја која е прва на листата на Евростат, секој петти работник работи од дома. Во Германија 13 отсто од луѓето работат од дома според Евростат, но најголем дел од работните места во Македонија бараат физичко присуство на работникот.

„Зависи од индустријата, во која област се работи и доколку се работи за банки, се работи од канцеларија, но се случува некои фирми да имаат флексибилност, односно еден ден во неделата практикуваат работа од дома. Најголем број од фирмите кај нас сепак немаат таква политика. Веројатно тоа се должи на некаков тип на менаџмент, кој е навлезен кај нас и функционира со години, тоа е еден фактор и тоа се најчестите искуства од кандидатите со кои сме зборувале досега. Можеби тука се работи и за доверба и за комуникација. Во кол центрите на пример, вработените можат да работат и од дома и од канцеларија. Видот на работа дозволува да се работи од дома и тие би оделе во канцеларија за дружење со колеги, за да имаат тимски дух“, вели Марија Ваневска од агенцијата за посредување при вработување Тривити.
Од друга агенција за посредување при вработување од внатрешноста сметаат дека сме далеку од Европа, затоа што кај нас преовладува мислењето дека работата ќе биде завршена само ако работникот дојде на лице место во фирмата и тоа во фиксно работно време. Флексибилноста велат останува само на добра волја. Додаваат дека продуктивноста на работникот се намалува ако тој секојдневно патува од еден до друг град за да стигне на работа.
Има луѓе кои не сакаат да работат од дома, но има и обратни случаи. За многу од работниците, работата од дома значи и заштеда на пари кои би ги дале за патни трошоци.
„Отидов на интервју за работа, се договорив за ангажманот, но ми рекоа дека се работи од дома. Прво ми беше чудно, затоа што претходно сум работела во канцеларија, но со текот на времето се навикнав и денес работата од дома не би ја менувала за работа во канцеларија. На почетокот кога ќе кажев дека работам од дома, луѓето ме прашуваа како претпоставените го контролираат темпото на работа и квалитетот на сработеното, но по електронски пат тоа оди многу лесно. Инаку, во време на короната многу фирми од мојот сектор се префрлија на работа од дома, а исто и во помалите места во Македонија се случува луѓето да работат од дома“, вели наша соговорничка.
Ако се споредиме со регионот, во Словенија 7.3 отсто од вработените работат од дома, во Хрватска 4.7 отсто, во Босна и Херцеговина(БиХ) 4.9 отсто, во Србија 3.6 отсто. Во Грција од дома работат 2.3 отсто од вработените, во Бугарија 1.4 отсто, додека Романија е најдолу на листата со само 1.3 отсто од вработените кои работат од дома.
Сања Атанасовска