Зошто Македонците ретко одат на печалба во Русија?
Доколку пребарувате огласи за работа во странство, има многу понуди за работа во Германија и другите европски земји, има приватни лица кои посредуваат, но и агенции. Сепак, тоа не е случај со Русија.
Македонската работна сила многу поретко наоѓа ангажман во Русија или некоја од нејзините соседни земји.
„Во овие 8 ипол години колку што постоиме не сме добиле барање за обезбедување работна сила во Русија. Немам многу информации дали имаат дефицит на работници. Доколку го имаат, веројатно обезбедуваат евтина работна сила од нивните соседни земји, кои пак го познаваат рускиот јазик. Единствено што знам е дека во времето на Југославија, градежните фирми праќаа работници во Русија, но тоа беше многу одамна, поинаков систем, сè функционирало поинаку“, вели Милан Џинлев од агенцијата „Приорити солуции за вработување“.
Од Македонска руска стопанска комора објаснуваат дека во минатото имало соработка, во времето на СССР и СФРЈ кога македонски градежници заминувале во Русија. Тоа се случувало во 80-те и 90-те години, но денес работите се сменети, затоа што дошле времиња кога за големи проекти бараат гаранции од фирмите кои сакаат да се вклучат во работата.
„До лани на годишно ниво заминуваа од 50 до 150 работници од Македонија во Русија, најчесто градежници. За разлика од порано, сега заминувањето е во помали групи, сезонски за 2-3 месеци и дел од тие луѓе и претходно работеле во Русија, имаат искуство, го познаваат јазикот“, велат од Македонска руска стопанска комора.
На социјалните мрежи има огласи од српски посредници кои регрутирале и уште регрутираат работници и тоа градежници, ѕидари, водоинсталатери, електричари, керамичари и други занаетчии. Наведено е дека ќе работат во градовите на Црно Море, по 10 часа на ден, со обезбедени три оброци и авионски билет. На огласите стои дека пред четири години работен час чинел 4.2 евра, а за почетници нуделе 3 евра. Има и огласи каде стои дека платата која Србите ќе ја заработат во Русија е 1.500 евра. Она што може да се забележи ако судиме по социјалните мрежи е дека има доста српски граѓани кои се распрашуваат за работа во Русија.
Странски медиуми во 2006 година пишувале дека на земјата ќе ѝ требаат помеѓу 800.000 и 1,5 милиони „увезени“ работници секоја година за да ја компензираат намалената работна сила и да го одржат економскиот раст. Просечната заработка во август годинава во Русија изнесувала 993 долари и таа е далеку зад Германија, Австрија, Шведска, Данска, Чешка, Хрватска и многу други европски земји. Овие држави се поатрактивни за македонските работници.
ЕРМЕНЦИ И МОЛДАВЦИ ОДАТ НА ПЕЧАЛБА ВО РУСИЈА
Сепак, жителите на Киргистан, Ерменија, Молдавија со години одат на печалба во Русија. Во 2018 година 357.229 луѓе од Молдавија работеле во Русија. Во декември 2017 година тој број бил за 68.000 поголем. Последните години бројот опаѓа според тамошните медиуми. Сепак, за нив руските плати се прифатливи, затоа што дома заработуваат помалку.
„Ерменците работат во Русија со години. Тие се ангажирани во градежништвото за повисока плата. Не можам точно да кажам, но можеби заработуваат од 500 до 1000 долари месечно. Можеби има и позиции каде можат да заработат повеќе. Имаме најголема дијаспора во Русија. Над 2 милиони Ерменци живеат таму, така што има многу луѓе кои живеат во Русија и се на високи позиции во политиката, бизнисот“, раскажува Сузана Геворгиан од Ерменија.
Просечната плата во Молдавија изнесувала 543 долари во вториот квартал од 2022 година. На 1 ноември 2022 година, просечната плата во Ерменија била 397 долари, додека просечната месечна заработка во Киргистан изнесуваше 320 американски долари во август 2022 година.
Сања Атанасовска
foto freepik.com
