Зошто Куба, и покрај поддршката од Мексико и Кина, е во опасност од колапс ако ги изгуби врските со Венецуела?
Падот на венецуелскиот претседател Николас Мадуро би можел да ја остави Хавана без клучен сојузник, Венецуела, која учествуваше со 10 проценти во кубанската трговија во 2025 година, и да ја втурне островската нација во уште подлабока економска и социјална криза.
Додека САД го засилуваат притисокот врз Венецуела, Куба се соочува со можноста да го изгуби својот клучен сојузник. Сојузот меѓу Хавана и Каракас, склучен на почетокот на векот од поранешниот венецуелски претседател Уго Чавез (1999–2003) и неговиот кубански колега Фидел Кастро (1976–2008), беше воен, политички и економски. Иако Куба отсекогаш го негираше присуството на своите безбедносни сили во Венецуела, најмалку 32 кубански војници загинаа под нејасни околности за време на киднапирањето на претседателскиот пар, Николас Мадуро и Силија Флорес, на 3 јануари, објавува „Ле Монд“.
„Освен многу мало малцинство, никој на Куба не ги слави трагичните настани во Венецуела. Кубанското општество е силно поврзано со идејата за суверенитет. Стравот од губење на сојузник како Венецуела може само дополнително да ја интензивира вознемиреноста на населението кое веќе се соочува со невидена социјална криза“, рече Жанет Хабел, истражувач во Институтот за напредни студии за Латинска Америка, специјализирана за кубански прашања.Економијата на островот нагло опадна почнувајќи од 2016 година, паралелно со економијата на Венецуела, со која Куба тогаш имаше 47 проценти од својата трговија - првенствено нафта - во споредба со 10 проценти во 2025 година. Кризата предизвикана од пандемијата на Ковид-19 и санкциите воведени од првата администрација на Трамп (2017-2021) и продолжени од администрацијата на Џо Бајден (2021-2025), дополнително ја ограничија кубанската трговија и финансиска размена со остатокот од светот. Во текот на 2025 година, островот доживеа серија масовни прекини на електричната енергија поради недостиг на гориво и дотраена инфраструктура.
Денес, земјата се соочува со епидемија на болеста Чикунгуња и хронична несигурност во храната и енергијата. Во овој контекст, барањето на американската администрација венецуелската влада да ги прекине врските со Куба е извор на загриженост за Хавана.
„Изненадувачки, нема знаци на паника од кубанската држава: или затоа што Мексико ги увери дека ќе продолжи да снабдува нафта или затоа што Кина би можела да помогне во понатамошниот развој на нивната мрежа за сончева енергија, која станува сè поважна“, рече Хабел.
Мексико испраќа нафта во Куба веќе долго време.
„Имаме договор со нив, а ова е и хуманитарен гест кон кубанскиот народ. Мексико отсекогаш се спротивставувало на ембаргото на САД, воведено во 1962 година, поради неговите штетни ефекти врз населението“, изјави мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум во среда, 7 јануари.
Според податоците од агенцијата за енергетска аналитика „Кплер“, во 2025 година Мексико обезбедил речиси 44 проценти од увозот на кубанска нафта, додека Венецуела учествувал само со 34 проценти. „Трговијата со Венецуела нагло опадна во последните години. Кина сега е нејзин најголем трговски партнер, главно преку продажба на технологија. Главниот проблем на островот е недостатокот на домашно производство и ликвидност потребна за инвестиции и набавка на енергија“, рече Жером Лелеу, економист и експерт за кубанската економија, пренесува Форбс Хрватска.
Бригади кубански лекари испратени во странство донесоа речиси 10 милијарди евра приходи од извоз во 2014 година, но само околу пет милијарди во 2022 година. Слично на тоа, приходите од туризам се намалија трипати од почетокот на пандемијата „ковид-19“. Конечно, кубанската шеќерна индустрија - историски најважната агроиндустрија - пропадна. На ова се придружија и социјални немири.
foto freepik.com