Зошто крахираа приходите од продажба на скопски „Бетон“?
Компанијата го преполови својот приход од продажба во првиот квартал годинава во споредба со истиот период лани. Добивката е само 9 отсто од таа што ја реализирале во истиот период лани, а на овој пад на приходите компанијата има ист трошок за своите вработени. Неработењето е најасно изразено преку големите падови на трошоците за суровини и материјали како и преку услугите со карактер на материјални трошоци. Од компанијата нема објаснување...
Скопската градежна компанија „Бетон“ во првиот квартал годинава ги преполови своите приходи од продажба во споредба со истиот период лани, покажуваат податоците од неревидираниот биланс на успех што компанијата го објави вчера на Македонската берза.
Драматичниот пад на приходите изнесува 205 милиони денари односно 45 отсто во споредба со истиот период лани кога компанијата имала реализација од продажба во износ од 451,46 милиони денари. Целата продажба исто како и лани компанијата и годинава ја остварила на домашниот пазар. Податоците укажуваат на тоа дека „Бетон“ во споредба со лани изгубил голем дел од својот пазар и дека во овој период не успеал да реализира искористеност на своите капацитети во задоволителен процент. На тоа укажува фактот дека лани компанијата имала реализација од 451,46 милиони денари, а трошокот за вработените бил 108,5 милиони денари. Годинава на реализација од 246,4 милиони денари трошокот за вработените е 107,65 милиони денари. Дополнително на губење на пазарната позиција укажуваат и два други важни параметри. Прво тоа е трошокот за суровини и други материјали и тој годинава е на половина од лани. Истото се случува и со услугите со карактер на материјални трошоци каде што падот на расходите е за 66 отсто.
Од архивата на достапните податоци на сајтот на Македонската берза е уочлиов дека во скопски „Бетон“ во првиот квартал се случило нешто чудно и невообичаено. Затоа што приходите од продажба во претходните две години биле на речиси исто ниво. Ова веројатно укажува на тоа дека истекле договори со клиенти, но во меѓувреме не се склучени договори за изградба на нови проекти.
Добивката на „Бетон“ за првото тромесечје падна за 91 отсто в однос на лани!
Фиксните трошоци за плати на вработените во скопски „Бетон“ се главниот причинител за падот на добивката на оваа градежна компанија. Тоа може да се види од билансот на компанијата. Имено при приходи од продажба во износ од 246,5 милиони денари компанијата само за плати на своите вработени платила околу 107,6 милиони денари. Ова укажува на заклучок дека „Бетон“ не работел на исто ниво на продуктивност како во претходните две години, кога со тој трошок за плати реализирал наплата од над 461 милиони денари во 2015 година и над 450 милиони денари лани. Оперативните расходи на „Бетон“ изнесуваат 291милиони денари и оперативните приходи ги надминуваат за 25 милиони денари. „Бетон“ е во плус од своето работење само книговодствено и тоа благодарејќи на залихите и на капитализираното сопствено производство.
Неговата добивка по мечувањето на финансиските расходи и на финансиските приходи изнесува само 1,8 милиони денари односно околу 30.000 евра. Во однос на приходите од продажба профитот на крајот на првото тромесечје е помалку од 1 отсто!
