Зошто инвеститорите треба внимателно да го следат и среброто?
По британскиот референдум среброто поскапе за 19%, а златото - за 7,8 %.
Цената на среброто достигна врв во понеделникот над 21 долари за унца, што е најскапо за последниве две години. Ова поскапување на благородните метали е резултат на референдумот во Британија. Некои инвеститори велат дека среброто има потенцијал да поскапува уште и да е подобар залог од злато.
„Многу од причините поради кои инвеститорите ги вложуваат своите пари во злато, се валидни и за среброто, а воедно има и голема побарувачка на сребро во индустријата“ - вели Ендрју Чанин, извршен директор на PureFunds.
Со актуелното поскапување цената на среброто останува со околу 60% под максимумот од 2011 година, кога беше над 49 долари за унца. Се претпоставува дека среброто има можност уште да поскапува.
Минатата недела Societe Generale ги ажурираше краткорочните и долгорочните прогнози за цените за златото и среброто. Француската банка веќе очекува просечна цена на среброто од 18 долари оваа година, 17,50 долари во 2017 и 15 долари во 2021 година.
