Зошто инвеститорите се загрижени за Турција?
Менаџерскиoт пристап на турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган натера голем дел од елитите да се свртат против него.
Светот конечно го прифаќа она што скептиците во однос на Турција го повторуваа цело време. Во поголемиот дел од последните 16 години турскиот водач Ердоган, економски реформатор со свој стил и најголемата надеж за муслиманската демократија во светот, имаше убедлива историја. И во поголемиот дел од времето сите веруваа во него. Сите, со исклучок на старата гарда во Турција - милијардери, генералите и образованите елити, пишува во својата анализа Bloomberg Businessweek.
Кога Ердоган победи на изборите во 2002 година, ветувајќи дека ќе ги отвори пазарите и ќе ги либерализира институциите, економијата на Турција доби поддршка од меѓународен спасувачки пакет, кој надмина 20 милијарди долари. Лирата падна заедно со напорите на Владата да ја ограничи инфлацијата.
Гласачите сакаа промена. И ја добија. Во поголемиот дел од годините во кои Ердоган е на власт, Турција изгледаше во златна ера. Истанбул, светски крстопат со векови, зрачи оптимизам. Ресторани и клубови почнаа да се појавуваат насекаде. Цели нови населби за уметност и ноќен живот како да „никнаа“ за една ноќ. Младите Турци, кои студирале во странство, се вратија дома, за да создадат сопствен бизнис и да создадат богатство. Турција беше домаќин на меѓународни состаноци, а заедно со Шпанија стана еден од моторите на поддржани од ОН напори за зајакнување на меѓународниот, меѓукултурен и меѓурелигиски дијалог и соработка.
Додека земјата се подготвува за изборите на 24-ти јуни, лирата тоне, инфлацијата се зголемува, а компаниите имаат над 300 милијарди долари надворешен долг. Позицијата на Турција во речиси сите индекси на демократското владеење падна. Не се зборува за мировен процес со курдските сепаратисти.