Зошто и како РЖ „Техничка контрола“ станува сопственик на значајно парче од скопски „Бетон“?
Зачудува тоа што РЖ “Техничка контрола“ која лани имаше профит од 3.490 евра сега плати 11,5 милиони денари за акции во компанија што три години наназад не исплатила дивиденда. Тие 11,5 милиони денари се 19 отсто од сите приходи од услуги и продажба што „Техничка контрола“ ги оствари лани. Прашани ли се 3.000 мали акционери – физички лица?
Скопската компанија „РЖ Техничка контрола“, што лани оствари профит од 3.490 евра, пред неколку дена плати 187.570 евра (над 11,55 милиони денари) со кои купи 5 отсто од акциите на скопската градежна компанија „Бетон“. Информацијата за новиот акционер ја објави „Бетон“ на интернет страницата на Македонската берза за хартии од вредност.
Засега останува непознато и по малку збунувачки зошто компанија која лани имала нето добивка од 3.490 евра одлучила да купи 5 отсто од акциите на скопкси „Бетон“. Особено ако се знае дека „Бетон’, според официјалните податоци објавени на берзата, во последните три години не поделил ниту денар дивиденда на неговите акционери. А логиката вели дека вложување во хартии од вредност односно во акции на компании е оправдано само доколку се очекува капитална добивка од дивиденда или пак од разлика во цена при продажба на тие акции.
Како што пишува на берзата дивиденда од „Бетон“ нема три години наназад, а за можна купопродажба или превземање на „Бетон“ досега нема никаква официјална информација ниту пак неофицијална најава. Кој е мотивот за да се купи малцински пакет акции со кој не може да влијае врз раководењето во фирмата и во тоа да се вложат над 187.000 евра засега останува непознато.
„Фактор“ ги праша надлежните лица во „РЖ Техничка контрола“ зошто одлучиле да платат над 11,55 милиони денари за 5 отсто акции во „Бетон“ и доколку добиеме одговор истиот во целост ќе го објавиме.
Новиот малцински акционер стекна 2.751 акција со право на глас во „Бетон“ преку приватна понуда за познат инвеститор, операција согласно со законската регулатива е одобрена од Комисијата за хартии од вредност. Поединечната цена по акција што ја плати РЖ „Техничка контрола“ е 4.200 денари и е значајно пониска од последната берзанска цена во износ од 5.100 денари платена за акцијата на „Бетон“.
РЖ „Техничка контрола“ е компанија произлезена од трансформацијата на поранешниот скопски гигант „Рудници и железарница“.Друштвото се занимава со физички и хемиско металуршки испитувања од областа на индустријата, рударството и металургијата. Во структурата на капиталот најголем поединечен акционер е Бошко Угриновски кој поседува 22,8 отсто од акциите со право на глас. Ова лице воедно е и извршен член на Одборот на директори на таа компанија.
Според официјалната евиденција на Централниот депозитар за хартии од вредност втор по големина акционер е лицето Душан Начевски кое поседува 5,25 отсто од акциите со право на глас. Во сопствен откуп оваа компанија држи 9,97 отсто од акциите со право на глас кои додека се со овој статус не носат ниту право на глас ниту право на дивиденда. Според податоците од ЦДХВ во компанијата има повеќе од 3.088 мали акционери – физички лица кои поседуваат речиси 60 отсто од акциите на оваа компанија. Дали тие се прашани и дали се сложиле со одлуката за вложување на 187.000 евра во 5 отсто од акциите на „Бетон“?
Според официјалните податоци од ревизорскиот извештај за лани РЖ „Техничката контрола“ имала приходи од услуги и од продажба на стоки во износ од 60,13 милиони денари и добивка од 215.166 денари. Во споредба со 2012 година приходите од услуги и продажба паднале за 36 отсто. Годината ја завршила со побарувања од 60,7 милиони денари од кои 30 милиони денари се побарувања кои се банкарски депозити. Над 17 милиони денари се побарувања од купувачи.
Р.Ф.
Слично
