Економија, финансии, бизнис

Контакт

Зошто „Гранит“ не подели дивиденда од 1,34 милиони евра туку со парите купи сопствени акции?

Зошто „Гранит“ не подели дивиденда од 1,34 милиони евра туку со парите купи сопствени акции?
Мнозинството акционери, меѓу кои и првите менаџери, одлучија компанијата да плати 1,34 милиони евра за да стерилизира 170.136 акции со право на глас. Колкава е цената на капиталот кој е стерилизиран? И зошто тие пари не беа поделени како дивиденда? Да беше така „Гранит“ ќе беше компанија за пример, малите акционери лојални, новите менаџери пречекани на црвен килим и со овации, акцијата посакувана, а примерот за подигање на пазарната цена на акцијата со мрсната дивиденда би бил прогласен за најдобра доктрина! Вака во водата дупка! „Гранит“ неодамна плати 1,34 милиони евра за да купи 170.136 акции со право на глас. Во сопствен откуп со пари на компанијата беа купени акциите на инвестицискиот фонд „Ист инвестор“ кој повеќе не поседува 5,5 отсто од капиталот во „Гранит“. Сега тие акции се без право на глас се додека се во сопствен откуп на „Гранит“. Законскиот институт сопствен откуп постои за компанијата да може да се одбрани од непријателско превземање. А постоеше ли најава за такво? Ретко кој би рекол дека имало сомнеж. А замислете да решеа менаџерите да се бранат од непријателско превземање со предлог и потоа со одлука тие 1,34 милиони евра да ги поделеа во дивиденда? Пазарната цена на акцијата сигурно ќе се лансираше, малите акционери ќе се мотивираа да ги чуваат своите акции, ќе се создадеше атмосфера на доверба и ќе пораснеше надежта дека акцијата на „Гранит“ има потенцијал особено во овие времиња кога дивидендата кога ја има е многу подобра опција за инвестирање одошто орочените депозити и штедни влогови. Навистина е нејасно кој верува дека цената на акцијата се штити со институтот сопствен откуп особено ако парите можат да се поделат како дивиденда и ако е реално да се очекува дека кога ќе мора да се продадат акциите од сопствен откуп, а нема сериозни купувачи тогаш пазарната цена на акцијата лесно може да паѓа. Зошто „Гранит“ купува сопствени акции во услови кога пред неполни два месеци Виолета Божиновска, директор за правни работи на компанијата на национална телевизија говори дека „Гранит“ има проблеми со наплати на долгови за извршени работи со јавни претпријатија!? Официјално објаснување од „Гранит“ нема. Нема реакција ниту од продавачот – инвестицискиот фонд „Ист инвестор“. А нема ниту од третиот по големина акционер – пензискиот фонд на НЛБ тутунска банка. А овој фонд од еден аспект сега има нарушена позиција во собранието на акционери затоа што изгубија партнер во „Ист инвестор“ со кој можеа заедно да ги притискаат првите двајца сопственици и најголеми акционери братот и сестрата Милковски и да бараат повисоки дивиденди. Во соопштението на „Гранит“ објавено на страницата на Македонската берза за хартии од вредност пишува дека компанијата купила сопствени акции врз основа на одлука од акционерско собрание од 28 мај 2015 година. Согласно со законските прописи таква одлука носи собрание со просто мнозинство односно 50 отсто + 1 глас. Од горенаведените аргументи се поставува прашњето дали мноштвото мали акционери од кои најголем дел се домашни физички лица се согласиле да се  платат 1,34 милиони евра во кеш пари на нивната фирма со кои таа ќе купи сопствени акции и ќе ги стерилира тие пари? „Гранит“ има релативно уситнета акционерска структура. Двајца најголеми акционери се братот и сестрата Зоран и Ивана, деца на Страшо Милковски претседателот на Управниот одбор на „Гранит“, долгогодишен прв човек и порано најголем поединечен акционер во компанијата. Тие двајца поседуваат 8,2 односно 8,4 отсто од акциите. Трет по големина инвеститор е пензискиот фонд на НЛБ Тутунска банка со 6,4 отсто од акциите со право на глас, Деновиве „Гранит“ објави дека Зоран Милковски ќе го замени неговиот татко Страшо на местото прв човек на најголемата македонска градежна компанија. Р.Ф.
Слично

Поврзани вести