Зошто Филе дојде во ненајавена посета на Македонија?
Европскиот комесар за проширување Штефан Филе не дава детали за посетата на Скопје, јавува МИА.
„Посетата во Скопје вчера беше значајна, исто како и разговорите кои ги имав. Ова беше во рамките на подготовките за пролетниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјата. Државите членки на ЕУ се надлежни да одлучат потоа за отворањето на преговорите за членство со поранешната југослевенска република Македонија“, одговорил Филе без да каже која била целта на неговата ненајавена посета на Скопје и за што точно тој разговарал со претседателот Ѓорѓе Иванов, Премиерот Никола Груевски и претседателот на СДСМ Бранко Црвеновски.
„Јас сум оптимист по природа и се надевам дека двете страни, односно владата и опозицијата, и претседателот, ќе бидат способни да пронајдат решение за настаните кои се случија по 24 декември, за мојот оптимизам да остане на нивото од пред 24 декември“, изјави Филе, пренесува МИА.
Она што е индикативно, е фактот дека посетата на Филе дојде само еден ден по неуспешната лидерска средба меѓу Груевски и Црвенковски. Порталот НОВАТВ јави дека еврокомесарот за проширување Филе на вчерашните средби со претседателот Иванов, премиерот Груевски и лидерот на СДСМ Црвенковски во Скопје побарал одлагање на локалните избори. Според предлогот на Филе најпрво опозиционата СДСМ треба да се врати во парламентот, под услов да се формира парламентарна или независна анкетна комисија за расчистување на случувањата на 24 декември минатата година. Во исто време Еврокомесарот предложил локалните избори да се одржат заедно со предвремените парламентарни избори по одржувањето на Европскиот совет во јуни на кој ќе се одлучи за тоа дали Македонија на есен стартува преговори или не, јави Нова тв. .