Економија, финансии, бизнис

Контакт

Зошто експлодира прометот со акцијата на ТТК Банка?

Зошто експлодира прометот со акцијата на ТТК Банка?

Глигорие Гоговски, претседател на Надзорниот одбор, купи 1.000 акции во ТТК Банка и дента кога беше објавена таа вест беа истргувани над 9.000 акции на ТТК Банка. Очигледно е дека на трејдерите им треба ветер во грб за да најдат „ново милениче“ меѓу квалитетните и потенцијални акции на сегментот берзанска котација

Претходната трговска седмица акцијата на ТТК Банка беше во фокусот на инвеститорите и беше четврта најтргува акција според остварениот промет на сегментот берзанска котација на Официјалниот пазар. Нејзиниот промет изнесуваше 17,66 милиони денари и се тргуваше во сите пет трговски дена. Акцијата се тргуваше во маргина од 880 до 900 денари за акција, а убедливо најголем промет оствари во петокот на 8 јуни кога беа истргувани 9.035 акции со право на глас што е повеќе од половина од реализираниот промет.

Ги мотивираше ли Глигорие Гоговски македонските трејдери?

Глигорие Гоговски, претседател на Надзорниот одбор на ТТК Банка и најголем акционер во „Тетекс“ во петокот објави дека купил 1.000 акции во банката. Логично е претседателот на Надзорниот одбор да купи акции во банка во која е претседател на надзорниот одбор. Тоа сигурно е одлична корпоративна практика која прв почна да ја применува Живко Мукаетов, првиот човек на „Алкалоид“, а ја применува и Андреја Јосифовски првиот човек на „Макпетрол“, како и Хари Костов, долгогодишниот прв директор на „Комерцијална банка“. Вакви протези ги охрабруваат инвеститорите се бесплатна и можеби најкорисна реклама за компанијата и што е најважно ја зголемуваат цената на акцијата.

ТТК Банка објави во петок дека Гоговски купил 1.000 акции и според цената од петокот тоа е инвестиција од околу 15.000 евра во акции на ТТК Банка. Тој потег сигурно охрабрил многумина трејдери кои бараат „нова златна акција“ или нов „фаворит за брза заработка“, па многу е веројанто дека информацијата која во петок утрото влегла во берзанскиот систем молскавично го зголемила интересот кај трејдерите. Резултатот е очигледен : беа истргувани над 9.000 акции со право на глас во ТТК Банка што е половина од сите акции истргувани од таа банка во текот на претходната недела.

Големата трговија со таа акција во текот на минатата недела ако се гледа од дистанца остава впечаток на еуфорија што ја создаваат трејдерите. Заради тоа што освен тоа што Гоговски купил 1.000 акции друга ценовно чувствителна информација за таа акција нема. Последната важна ценовно чувствителна информација за таа банка беше со негативен контекст. Тоа беше објавата на билансот на успех и состојба за првиот квартал годинава во кој таа банка книжи загуба во работењето.

Претходната важна ценовно чувствителна информација пак беше многу позитивна – рекордно висок износ на дивиденда за работењето во 2017 година, дури 105 денари нето по акција.

Останува да видиме дали цената на таа акција, која има силен потенцијал и чија пазарна цена е под книговодствената вредност ќе се одржи на ова ценовно ниво или можеби ќе следи блага корекција или раст до највисокото ниво кога пред два месеци надмина вредност од 1.000 денари. Да не заборавиме, во суштината берзата е тргување базирано на очекувања и надежи откако нели ќе се апсолвираат економските параметри и показатели.

Р.Ф.

Слично

Поврзани вести