Зошто државните електрани итно склучија тендер за транспорт на јаглен тежок 2,1 милион евра?!
Од осумте понудувачи, зделката вредна 2,1 милион евра ја доби фирмата за градежништво, транспорт и трговија Транс Мет ДОО Скопје.
Потребата од транспорт на 200.000 тони јаглен од РЕК Битола до РЕК Осломеј во периодот 07.12-07-03.2012 година државната ЕЛЕМ не можеше да ја предвиди. Затоа реши оваа услуга да ја набави во постапка со преговарање, без да објави оглас. Од осумте понудувачи, зделката вредна 2,1 милион евра ја доби фирмата за градежништво, транспорт и трговија Транс Мет ДОО Скопје ( компанија која според јавнодостапните информации е основана во 1992 година од Исмет Кочан).
Крајната итност за склучувањето на овој договор меѓу ЕЛЕМ и Транс Мет го отвора прашањето зошто државниот производител на електрична енергија не испланирал на време дека можеби во текот на зимските месеци РЕК Осломеј ќе има потреба од дополнителни количини на јаглен, особено ако се земе предвид фактот дека рудникот Осломеј „Запад“ е при крај со експлоатација, а резерви се проценуваат на најмногу 1.700.000 тони јаглен, кои се доволни за помалку од две години работа. Итноста на склучувањето на договорот, преку директна спогодна, од ЕЛЕМ ја правдаат со немањето доволно време за спроведување на редовна постапка (долги рокови) за јавната набавка, притоа не прецизирајќи колку време трае редовната постапка.
“Неповолна околност е што наведените количини на јаглен се раслоени и во таква ситуација не може да се обезбеди континуирана дневна експлоатација на околу 4.000 тони јаглен кои се потребни за нормално дневно производство на термоелектраната. Комбинатот има на располагање уште 250.000 тони јаглен од локалитетот „Стар рудник“ кои се експлоатираат со дисконтинуирана технологија. Но, поради лизгање на земјиштето во овој јагленокоп изминатата есен беше оневозможен ископот на јаглен во претстојниот зимски период, па е донесена одлука потребите од јаглен за континуирано производство на термоелектраната „Осломеј“ во грејната сезона да се дополнуваат со јаглен од Брод Гнеотино (РЕК Битола). Имајќи ја предвид оваа ситуација, а со цел РЕК Осломеј да продолжи со непречено производство на струја во законска процедура, АД ЕЛЕМ обезбеди 200.000 тони јаглен од својата подружница РЕК „Битола“, кои од почетокот на декември со камиони се носат до РЕК Осломеј, со динамика од 2.000 тони дневно“, објаснуваат за Фактор од ЕЛЕМ.Во време кога потрошувачката на струја од година во година расте, државата никако да инвестира во значаен енергетски производен капацитет. Плановите на ЕЛЕМ за отворање на рудник во локалитетот Поповјани (што како басен располага со околу 9.000.000 тони јаглен), и во локалитетот Чукале за сега остануваат само на хартија. “Поради несогласување на локалното население за отворање на овие локалитети, подготвителните активности се замрзнати и покрај многубројните обиди за надминување на проблемот иницирани од АД ЕЛЕМ и РЕК Осломеј. Активностите за надминување на проблемите со локалното население се во тек“, велат од ЕЛЕМ. К.П
Слично
