Зошто Чеченци пристигнуваат во поголем број во БиХ?
За да ја избегнат мобилизацијата во Русија, голем број Чеченци пристигнуваат во Босна и Херцеговина (БиХ).
Тие кога ќе дојдат не ги соопштуваат, туку ги кријат своите намери, пишува Н1. Семејство со бебе, полицијата која чува група, мајка со дете се познати слики на граничниот премин Маљевац, но сега наместо мигранти од Блискиот Исток, тоа се Чеченци, Дагестанци и други руски државјани. Од полицијата велат дека не прават никакви проблеми, туку сакаат да добијат азил. Чеченците кои ќе стигнат на Маљевац, можат веднаш да бараат азил во Хрватска.
Давор Божиновиќ, министер за внатрешни работи во Хрватска вели дека со оглед на фактот од каде доаѓаат тие луѓе, секого не треба да пуштаат на своја територија.
Визниот режим кој постои Чеченците ги злоупотребуваат. Тие во БиХ се регистрираат како туристи, со пријавен престој. Но, службите велат дека секој кој ќе наведе лажна причина за престојот, треба веднаш да подлежи на проверки.
Во БиХ, привремен престој имаат 50 Руси, 13 имаат постојан, а 39 руски државјани сакаат да поднесат барање за азил.
