Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЗОШТО АКЦИОНЕРИТЕ НА ГРАНИТ БРЗО ЌЕ ЈА ЗАБОРАВАТ 2024 ГОДИНА?

ЗОШТО АКЦИОНЕРИТЕ НА ГРАНИТ БРЗО ЌЕ ЈА ЗАБОРАВАТ 2024 ГОДИНА?

Единствена светла точка во билансот на „Гранит“ за лани е неговото вложување во акциите на „Комерцијална банка“. Затоа што од дивидендата од нив наплатил над 1,4 милиони евра. Добивката од оперативно работење лани е за 90% пониска од 2023 година

Акционерите и раководството на „Гранит“ ќе сакаат што побргу да ја заборават годинава што измина, покажуваат финансиските резултати за 2024 година на најголемата македонска градежна компанија објавени на берзанскиот информациски сервис СЕИ – НЕТ.

Од компанијата, во образложението на резултатите, појаснуваат дека падот на приходите се должи на тоа што „Гранит“ лани ги завршил започнатите проекти, но не започнал работа на нови градилишта. А причините за тоа што нема нови проекти лежат во незавршените тендерски компании на кои конкурирал македонскиот градежен гигант.

Тука, заради објективност, мора да се напомене дека неколку години наназад „Гранит“ своите деловни операции не ги концентира на странските пазари. Фокусот беше ставен на домашниот пазар и годината тој пристап дојде на наплата. Приходите на „Гранит“ лани паднаа за 30 отсто во споредба во претходната 2023 година. Во бројки приходите од продажба на „Гранит“ лани се помали за речиси 25 милиони евра од 2023 година. Лани неговите приходи од продажба изнесуваа 57,3 милиони евра. А приходите дома за лани прават 99 отсто од сите приходи на „Гранит“.

„Гранит“ гледајќи го неговото оперативно работење излезе на позитивна нула само благодарејќи удвоените останати приходи кои лани изнесувале 2,3 милиони евра. Благодарејќи, пред се, на овој прилив „Гранит“ ја заврши годината со оперативна добивка од 174.000 евра. Тоа е за 90 отсто послаб резултат од 2023 година.

Вкупните оперативни расходи изнесуваат 60,5 милиони евра, Видно е и преку оперативните расходи дека паѓа обемот на работа преку двете најважни ставки: трошоците за суровини и услугите со карактер на материјални трошоци. Дури намалени се и трошоците за вработени и тоа за 4 отсто. А тоа значи дека е намален бројот на вработени лица.

Единствена светла точка во билансот на „Гранит“ за лани е неговото вложување во акциите на „Комерцијална банка“. Затоа што од дивидендата од нив наплатил над 1,4 милиони евра (вкупно од дивиденди наплатил 1,68 милиони евра според извештајот за паричен тек). Токму благодарејќи на овој податок неговата добивка лани изнесува 1,78 милиони евра.

Вредно е да се истакне како позитивно и тоа што „Гранит“ не должи за краткорочни кредити, а за долгорочните кредити обврската е само 200.000 евра што за фирма од тој формат е многу ниско ниво на кредитна изложеност.

Н.С.

Слично

Поврзани вести