Зошто Ахмети за една кременадла закла теле?
Се покажа (по којзнае кој пат) дека ДУИ не работи за Македонија, дека ДУИ работи за себе и своите интереси. Што е и нормално. Зарем некоја друга партија работи за интересите на трета партија? Не. ДУИ никогаш. Но феноменот Али Ахмети во македонската политика се чини нема свој пандан на спротивната страна. Уникатен е Али Ахмети. Досега едно пет - шест пати „излегувал“ од Владата и се „скарувал“ со Груевски, секогаш (не)свесно подгрејувајќи ја опозиционата јавност дека Ахмети ќе одиграл улога на човек што ќе му го задал последниот удар на Груевски.
Тоа никогаш нема да се случи. Барем не додека Груевски има прилично силно мнозинство во парламентот, и не на начин на кој посакува дел од опозициската јавност. Никогаш Ахмети нема да го предаде Груевски во смисла на тоа да му организира политички погреб, тоа ниту треба да се очекува ниту пак би било фер за два партнери кои 8 години во власта се разбираа многу подобро отколку што било кој се надеваше. Барем за еден „националист“ и еден „терорист“.
Ахмети секогаш ќе наоѓа полурешенија кои ќе значат дека коалаицијата може да се одржува во живот, никогаш нема да стави крај. Дури и странците да го побараат тоа од него, тој ќе наоѓа форми да го одржи на цевчиња својот политички брат близнак.
Најновото толкување на Абдулаким Адеми е дека министрите дале оставки, ама ДУИ не ја напуштила Владата. Исто вели и лидерот на ВМРО ДПМНЕ Груевски. Нема владина криза, само мал потрес. Секој има право да си ги менува министрите рече екс премиерот. СДСМ чека да дојде среда. Да се види дали ќе има избори на 5 јуни. Анкетите покажувале приближување?!
Странците како во хор деновиве настапуваат по медиумите и меѓу редови бараат одложување на изборите. Ван Хауте дури рече дека избори на 5 јуни би било погреб за останките на демократијата. Сурово.
Ама тоа не е важно за Ахмети. Направи маневар за да го спаси Муса Џафери од смена на вицепремиерското место. Не само Муса, сите да си оделе. За една кременадла заклаа теле. За демократијата се работи! А таа е неважна ако министрите на ДУИ не се во власта?!
Р.Ф.
Слично
