Зошто Африка се сврте кон производство на оружје?
Досега, африканските армии користеа главно увезено оружје, но овој континент во последниве години почна да произведува свое оружје.
На Црниот континент се случува тивка револуција. Имено, поради растечкото незадоволство од потпирањето на надворешни актери во безбедносната сфера, африканските влади почнаа да инвестираат во намалување на зависноста од странски добавувачи и во развој на оружје што можат самостојно да го одржуваат и прилагодуваат на сопствените потреби.
Од Нигерија и Кенија до Мароко, сè повеќе земји инвестираат во нови технологии и партнерства за локализирање на синџирите на снабдување и зајакнување на домашните воени индустрии. Мароко, кое отиде најдалеку во оваа стратегија, го зголеми извозот на оружје за трипати во последните години и амбициозно се позиционира како регионален центар за воено производство.
Но, зошто воопшто се прави тоа? Како што пишува „The Conversation“, потребата од инвестиции во посветена индустрија во Африка е многу реална, бидејќи постојат надворешни закани за безбедноста на земјите, како и внатрешни закани во форма на бројни терористички организации и криминални мрежи.
На хартија тоа го нема, но во пракса имаше повеќе проблеми. Ова најдобро го покажува примерот на Мали, на кој Русија редовно му испорачуваше јуришни хеликоптери, транспортни и борбени авиони во последните пет години. Сепак, денес таа флота практично не постои. Два авиони „Сухој Су-25“ беа изгубени во рок од неколку месеци, додека само еден од осумте хеликоптери „Мил Ми-35М“ и „Мил Ми-171“ остана во функција по една година. Се покажа дека армијата на Мали нема капацитет да ги одржува. Во исто време, бунтовнички групи со лесно оружје и импровизирана артилерија освоија воени позиции и го опколија главниот град.
Дури и во малку поразвиените земји, ситуацијата не беше значително подобра. Република Јужна Африка, на пример, има една од најмодерните борбени флоти на континентот, но во средината на 2024 година само половина од авионите „Сааб ЈАС 39 Грипен“ и седум од 39-те хеликоптери „Атлас Орикс“ беа во функција. Причината за ова беше недостатокот на резервни делови и лошото одржување.
Во Гана, од друга страна, дел од поморската флота не е во функција, додека плановите за модернизација се забавени поради високите трошоци.
Поради сето погоре наведено, Нигерија во август минатата година собра 37 африкански началници на генералштабови за да разговараат за развојот на локалните безбедносни капацитети. Тогашниот началник на одбраната, Кристофер Муса, ги повика своите колеги да инвестираат во сајбер одбрана, вештачка интелигенција и домашна воена технологија.
