Зоран Ричлиев, новинар и консултант за дигитални медиуми: Јасен повик за цензура!
Новинарите генерално со негодување го прифаќаат обидот на обвинителството да сугерира дека сите идни снмики поврзани со акцијата ПУЧ не смеат да се објавуваат. Сепак, спротивставени ставови имаат двете новинарски здруженија ЗНМ и МАН. Во денешниот преглед, за Фактор, дел од македонските новинари ги споделуваат своите видувања.
Зоран Ричлиев, новинар и консултант за дигитални медиуми: Јасен повик за цензура!
“Право и обврска на новинарот е да објавува информации за она што се случува во општеството, особено за девијации, неетички и незаконски активности. Новинарите кои ќе дојдат до материјали поврзани со информации за злоупотреби на моќ, за неетично или незаконско однесување на функционери, за злосторства или сериозни прекршувања на закон имаат професионална обврска тоа да го објават. Новинарите и медиумите не смеат да попуштат пред притисоци, од каде и да доаѓаат, а чија цел е да го попречат слободниот проток на информации и слободниот пристап до изворите.
Кодексот на новинари вели дека новинарот ќе ги почитува законите на државата, но нема да објави или да сокрие што и да е во спротивност со јавниот интерес. Доколку станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави, а точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.
Потегот на Основното јавно обвинителство е јасен повик за цензура на медиумите, односно спречување на јавноста да дојде до наводни инкриминирачки документи. Нивното криење од причини на наводен повисок интерес од јавниот интерес е силен упад во слободата на изразување и претставува преседан од светски размери.“
Слично
