Зоран Ќука, Радио Слободна Европа: Кежо не е инцидент – Кежо е состојба!
Дел од македонските новинари денеска накусо ги објаснуваат своите стојалишта во врска со „случајот Кежаровски“ и можните импликации што тој со себе ги носи.
Зоран Ќука, Радио Слободна Европа:
Можеби Дуња Мијатовиќ е повторно изненадена, што Кежо пак го "спакуваа" во затвор, онака ноќе во темница. Изненадени или не, не сме улави и знаеме дека тоа се прави за да се покаже сила и да ни се втера страв во коски.
Ма дајте луѓе, не се споредуваат работите меѓу Македонија и Чешка во ниту една сфера од живеењето, a најмалку кога станува збор за слободата на говорот или нивото на демократијата.Не сакам да ја глорифицирам Чешка, но секогаш кога ќе ми побараат мислење или споредба, не ми е убаво на душава тоа да го правам на сметка на Македонија ама навистина, како поинаку кога ова што се случува во земјата не е инцидент - тоа е состојба.
Од каде сега толку се изненадуваме што Кежо пак го однесоа во затвор, во темница, ноќе. И знаеме и дека тоа се прави за да се покаже сила, моќ и да се втера страв во коски.
Може Дуња Мијатовиќ од ОБСЕ да е изненадена што колегата Томислав Кежаровски го "спакуваа" набрзина, ама тие што секој ден ја работат оваа новинарска работа во Македонија и за Македонија, па макар и од странство, не се улави и не можат да се прават улави.
Можеби сме вџашени или огорчени и немоќни, но точно знаеме што се случува. И не само ние. Знае и целата таканаречена интелектуална елита и бизнисмените, и некој вика на глас, некој се буни, протестира, пишува...но мнозинството се уште молчи, оти дел се купени, дел се застрашени, а на дел навистина и толку им сече умот.
Еми, од другата страна има и многу луѓе кои, отруени со лагите на контролираните медиуми, за "предавниците и патриотите", сега за се реагираат -"ако така им е". Можеби се надевавме дека ќе мине време овие три месеци дома и барем нема пак во Идризово да го носат човекот - новинар. Ама уште еднаш се покажа дека власта реагира остро на прва секогаш кога новинарската фела ќе изреагира и гласно ќе каже -"Ало, Кежо не е виновен што открил сведок кој не бил заштитен во тоа време и кој подоцна признал дека бил натеран лажно да сведочи". "Ало Апелација не прифаќаме компромис". И веднаш апсана, за да не се занесеме премногу.
Ајде да се потсетиме на вревата што се креваше за законите за медиуми, па за хонораци, па за високото образование. И за многу други закони, дури и уставни измени што се на дневен ред деновиве. И што? Владата како предлагач прифати нешто суштинско или нон - стоп жедни преку вода ги пренесува заинтересираните страни со фингирани дебати, со контра протести, контра синдикати, контра пленуми?
Простете, за оваа фрустрација ама секогаш ми е мака кога треба да ја споредувам земјата во која моментално живеам со она што се случува дома во Македонија.
Еве, не ми текнуваше на некаков пример на затворен новинар во Чешка, па гуглав, копав, по интернет, се јавував и кај други новинари и не најдов. Бев дури и "среќен" што најдов дека и тука имало проблеми. Ама и се "разочарав" кога видов како се решаваат. Замислете, влегла војна полиција во државната телевизија и запленила разузнавачки документи за корупција во министерството за одбрана и компјутери. Ауууу, си реков! - " Ете се, ги фатив на дело Чесиве".
И после читам - им го вратиле запленетите работи. A тогашниот министер за одбрана Александр Вондра го суспендира шефот на воената полиција и двајца други офицери. Според Вондра, оваа акција на воената полиција не била соодветна. Има проблеми навистина и во Чешка. Има забелешки и за законот за медиуми од 2009 ама пак, ќе речам - не се споредува, бидејќи нивото на демократијата, на поимањето на општеството, на власта, на граѓанската светст и одговорност во последиве години се сведе на светлосни години разлика во корист на Чешка иако некои критичари и тука би рекле " ех не се споредува ова со времето на Вацлав Хавел". И што сега ни преостанува освен да продолжиме чесно да се бориме за новинарски слободи и човечки правдини, за Кежо и за сите нас.
Слично
