Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЗОРАН ФИДАНОСКИ: Власта ќе се обидува да го разводни Пржинскиот договор!

ЗОРАН ФИДАНОСКИ: Власта ќе се обидува да го разводни Пржинскиот договор!
Прашавме дел од македонските новинари што очекуваат во наредниот период во однос на политичката криза и начините за справување со неа. Како и се во општеството и ставовите меѓу јавните личчности се поларизирани, но секако оригинални. Фактор не секогаш се согласува со мислењата објавени на отворените страници, но правиме се тие да бидат што подостапни за македонската јавност.  Зоран Фиданоски новинар, во моментов член на Советот на ААВМУ и изразува личен став :  Македонија дефинитивно е во вителот на политичка криза од која не е излезена во последните неколку години. И, ќе помине уште многу време пред да можеме да дадеме една слободна оценка - дека таа ги надминува турболентните времиња и влегува во помирни текови. Многу повеќе од април 2016 година, за кога се предвидуваат предвремените избори. Но, тие - изборите, треба да бидат кулминација на еден процес кој, се надевам, ќе успее да ја извлече државата од дното на политичкиот бунар и ќе го трасира патот што треба да го изоди една, ајде да речам, обична европска земја. Ако се послужам со медицински вокабулар, извештајот на Прибе како дијагноза и договорот од Пржино од 2 јуни со анексот од 15 јули, како терапија во овој момент се единствениот рецепт за излез од кризата. Евидентно е, не само според мене - дека власта ќе се обидува да ги успори и разводни што е можно повеќе сите точки од Пржинскиот договор. До степен, да станат речиси неупотребливи и целосно неефективни. Јасно е дека, најголемиот страв доаѓа од изборот и функционирањето на специјалниот јавен обивнител. Обидот за негово пресретнување и превенирање со одлуката на скопскиот Кривичен суд, дополнително го потврдува сето ова. Особено, доколку по неговото евентуално назначување, во скоро време се отворат истраги врз база на слушнатото од политичките “бомби“ на опозицијата. Очекувам силен и континуиран мониторинг на меѓународната заедница кој треба да биде еден вид гаранција дека нема да се избега во спроведување на договореното. И, во промената на изборните правила, и во вистинското прочистување на избирачкиот список и во создавањето услови за медиумите независно да известуваат, а новинарите слободно да си ја вршат својата професија. Што е condictio sine qua non за едно демократско општество. Многу услови, а малку време за нивно исполнување. Но, тоа и го крева адреналинот и го прави возбудлив периодот што не очекува.
Слично

Поврзани вести